Рејтингот на конзервативниот блок на германската канцеларка Ангела Меркел и на социјалдемократите пораснал за време на дискусијата за формирање нова голема коалиција. Ова го покажуваат резултатите од испитувањето што го изврши агенцијата „Емнид“, по нарачка на „Билд ам Зонтаг“.
Рејтингот на христијанскодемократскиот сојуз и на христијанскосоцијалниот сојуз (ЦДУ/ЦСУ) на Меркел пораснал за 2 проценти во споредба со минатата недела и изнесува 33 проценти. Поддршката за германската социјалдемократска партија (СПД) на чело со Мартин Шулц се зголемила за еден процент и изнесува 22 проценти.
Рејтингот на крајно десната Алтернатива за Германија (АФД) падна 2 проценти и изнесува 11 проценти. Тоа е најнискиот рејтинг за АФД од парламентарните избори, кога оваа партија освои 13 проценти од гласовите.
Минатата недела пропаднаа преговорите за формирање на коалицијата „Јамајка“ меѓу конзервативците, слободните демократи и зелените. Зелените и Слободната демократска партија загубиле по еден процент од поддршката и имаат 10 и 9 проценти.
Во анкетата учествувале 1.225 германски граѓани со право на глас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.