| четврток, 6 декември 2018 |

Романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска – национален кандидат за наградата „Балканика“

„Но-Уи“ на Лидија Димковска, во издание на „Или-или“, ќе биде македонски претставник во трката за книжевната награда „Балканика“ за 2016 година. Одлуката ја донесе стручна комисија во состав проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и проф. д-р Ермис Лафазановски.

Во образложението за романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска (Скопје, Или-Или, 2016), за национален претставник за наградата „Балканика“ стои дека тоа е „роман-метафора, прегнантно срочено четиво за животот и смртта во кој взаемно се проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието, индивидуалните и колективните судбини, големите и малите наративи, домот и туѓината, црно-белата перцепција на стварноста и на човековото постоење воопшто. Овие универзални вистини се пренесени низ моќната,возбудлива и сугестивна нарација на Лидија Димковска, позната од нејзините претходни романескни остварувања.

Романот ’Но-Уи‘ има една историска и една актуелна димензија;демонот на историјата се повторува, во игра е не само сенката на фашизмот од Втората светска војна, туку и неговото наследство во современиот политички дискурс на нашите балкански простори. Нарацијата реферира на некои вистински, реални, историски настани и личности, од една страна, но од друга, и на некои актуелни случувања во европски (и светски) рамки, како што е миграциската криза, на пример.

Структуриран како дневнички записи во кои хронотопски се вкрстуваат историското време и современоста, Сплит и Сицилија, животите на бабата и внуката кои имаат идентично и мошне симболично име – Неда, романот ’Но-Уи‘ промовира една исклучителна култура на сеќавањето, имплицира потрага по идентитетот, дава вонредна слика за миграциската психологија и за копнежот по вдоменост во јазикот и културата…

Издавачката куќа „Магор“, која го организира изборот на претставник за „Балканика“ од Македонија, соопшти дека покрај книгата на Димковска, во најтесен избор влегле и „Круг“ на Димитар Башевски и „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли.

Во националниот избор за претставник за наградата „Балканика“ од издавачките куќи и од самостојно публикуваните автори биле пријавени 14 книги: „Се буди ѕверот“ на Велко Неделковски; „Ананка“ на Јусуф Сулејман; „Шех Вардар“ на Ленче Милошевска; „Се гледаме наскоро. Е.“ на Драгана Евтимова и Владимир Лукаш; „Афоризми“ на Ефтим Гашев; „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска; „Војвода Ставре Гогов – јунак и легенда“ на Мате Гогоски; „Доилката“ на Лилјана Пандева; „Војници со гумени чизми“ на Ивица Челиковиќ; „Враќањето на козите“ на Луан Старова; „Три новели“ на Тања Урошевиќ; „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли; „Круг“ на Димитар Башевски и „Но-Уи“ на Лидија Димковска.

Оваа книжевна награда постои од 1996 година. Во Фондацијата „Балканика“ членуваат издавачки куќи од седум балкански држави (Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција и Романија). За наградата одлучува седумчлена меѓународна стручна комисија, составена од по еден врвен книжевен критичар од секоја држава.

Годинава во една книжевна манифестација, во декември во Скопје, ќе се одржат две жирирања и доделувања на наградата Балканика 2015 и Балканика 2016.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top