Според предлогот на Министерството, наместо досегашното информирање за загадување на воздухот со ПМ10 честичките од пет дена се намалува на два дена, но со концентрации измерени над 100 микрограми.
Прагот за алармирање со предлогот на МЖСПП е поставен на два последователни дена со над 200 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, со интенција до 2022 година тој да се намали на над 150 микрограми на метар кубен.
Од Министерството посочуваат дека за предлогот е консултиран невладининиот сектор и дека се разгледува во рамки на интерсекторската работна група.
За да се прогласи и праг на информирање и алармаирање, според предлогот, треба концентрациите на територија на Скопје да бидат регистрирани на најмалку две мерни станици.
Невладиниот сектор смета дека треба да се изврши притисок и овој предлог да се смени, а овие концентрации да се намалат во рамки на препораките на Светската здравствена организација, ЕЕА и европските примери.
„Прагот на алармирање за ПМ10 да биде поставен при достигнување на дневна вредност од над 70 микрограми на метар кубен, два дена по ред, без оглед дали станува збор за викенд или работен ден и без скриени услови. Итни мерки кои треба да го редуцираат сообраќајот, функционирањето на индустријата, градежните активности, фосилните согорувања и сл, да стапат во сила веднаш наредниот ден и да траат сè додека нивото на PM10 честици не биде под дозволеното, до 50 µg/m3 дневно на сите мерни станици“, изјави за МИА Ели Пешева од О2 Коалицијата за чист воздух.
Во Европа прагот на информирање е поставен некаде на два дена, некаде во тек на 24 часа или 12 часа, а концентрациите се движат во Белгија од 50 до 70 микрограми, Унгарија и Швајцарија од 75 до 100 микрограми, во Франција е меѓу 50 до 80 микрограми, но во тек на 24 часа, во Словачка над 100 до 150 микрограми во 24 часа и во Чешка над 100 до 150 микрограми на 12 часа.
Истакнува дека со предлогот на Министерството се зголемува петкратно максималната законски утврдена дневна вредност од 50 микрограми на метар кубен и дека дополнителни услови се бројот на мерните станици на кои треба да биде регистрирана вредноста и недефинирана стабилна временска прогноза.
Ова, за Коалицијата, е силен показател дека краткорочни и итни мерки нема да бидат воведени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.