Ноември е месец на фестивали, меѓу кои се вбројува и Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки “Сонот на облачето” кој ќе се одржи од 20-ти до 22-ри ноември во просториите на Младинскиот културен центар.
Скопската публика со нетрпение го очекува роденденското 5-то издание на овој фестивал, кој е еден од малкуте традиционални културни настани наменети за деца кај нас. Како единствен фестивал од овој тип во регионот, “Сонот на облачето” успешно придонесува и кон интернационална афирмација на оваа уникатна уметност.
Шареното гледалиште на Сцената Фросина со сигурност ќе биде исполнето до последно место, а публиката ќе има уникатна можност да проследи спектакуларни театарски претстави со сенки.
Сенката е во постојана игра со светлината во оваа уметност, а тоа најдобро е прикажано на првата фестивалска вечер на 20-ти ноември во спекатклот “Јас и Болвата” во изведба на LIchtbende од Кралството Холандија. Невино улично куче го пронаѓа својот нов дом во едно грижливо семејство. Но болвите, скриени во кучето, започнуваат да лумпуваат низ домаќинството и веќе ништо не е како порано. Навидум бизарна и возбудлива приказна која се изведува со помош на магични фенерски анимации и изведба на музика во живо.
Учеството на фестивалот е овозможено со финансиска поддршка од Амабасадата на Кралството Холандија.
Следна на репертоарот е фантастичната Валерија Гулиети од Sombras Chinas од Шпанија, која на 21-ви ноември со претставата “Рачиња” по втор пат гостува на “Сонот на облачето”. Во 2015г. нејзината изведба на “Танцот на рацете” беше проследена со бројни овации од страна и на децата но и на возрасните.
Фестивалот ќе биде затворен на 22-ри ноември со претставата “Малиот Принц” во изведба на Театар “Сенки и облаци” од Скопје, кој минатата година прослави 10 години од своето постоење и континуирана продукција на театарски претстави на сенки. “Сенки и облаци” бележи бројни турнеи на неколку континенти и ја продолжува својата мисија на афирмација на макeдонските културни вредности преку театарски претстави со сенки.
“Сонот на облачето” од година во година нуди се’ поисполнета фестивалска програма која се стреми да ја забавува но и едуцира публиката во доменот на визуелни игри со театар на сенки.
Имено, во рамките на фестивалот ќе бидат одржани работилници со секој од театрите изведувачи. Во недела (како вовед кон програмата) Театар “Сенки и облаци” со уметникот Доротеј Нешовски ќе изработуваат и анимираат кукли за театар на сенки, кои за време на фестивалските денови ќе бидат дел од интерактивната детска сцена во фоајето на Сцена Фросина. Во вторник, вештите раце на Валериа Гулиети ќе споделат неколку тајни во уметноста на правење сенки со раце, додека во среда децата со Lichtbende ќе изработуваат кукли од рециклирани материјали, кои потоа ќе ги проектирааат со магични лампи. Посетителите ќе имаат можност да ја посетат и изложбата на традиционални кинески кукли за театар на сенки.
Фестивалот во својата публика редовно вбројува и деца кои припаѓаат на одредени општествено маргиналиизрани групи. Изминатите години дел од дружбата беа децата од СОС Детско Село, Трисомија 21 (асоцијација за деца со Даунов синдром и нивните семејства), Cентаро за деца од улица во Шуто Оризари, а годинава таа можност повторно ќе ја имаат децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци.
Организатор на фестивалот е Здружението „Сенки и облаци“ од Скопје, кое со поддршка од Министерството за култура на Р.М., градот Скопје, Младинскиот културен центар и Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје по петти пат ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во магијата на театарските претстави со сенки.
Билетите се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 150 денари, а за организирани посети (+10 посетители) цената на билетот изнесува 120 денари. Учеството на работилниците е бесплатно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.