| четврток, 6 декември 2018 |

Петто издание на детскиот фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето”

Во Младинскиот културен центар од денеска до 22. ноември ќе биде одржан петтиот Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето”.

На сцената Фросина вечер ќе биде прикажана претставата „Јас и Болвата” во изведба на Lichtbende од Холандија. Следна на репертоарот е Валерија Гулиети од Шпанија, која на 21 ноември со претставата “Рачиња” по втор пат гостува на „Сонот на облачето”.

Фестивалот ќе биде затворен на 22 ноември со претставата „Малиот Принц” во изведба на Театар „Сенки и облаци” од Скопје, кој минатата година прослави 10 години постоење и континуирана продукција на театарски претстави на сенки.

Во рамките на фестивалот ќе бидат одржани работилници со секој од театрите изведувачи. Во недела, како вовед кон програмата, Театар „Сенки и облаци” со уметникот Доротеј Нешовски ќе изработуваат и анимираат кукли за театар на сенки, кои за време на фестивалските денови ќе бидат дел од интерактивната детска сцена во фоајето на Сцена Фросина. Во вторник, вештите раце на Валериа Гулиети ќе споделат неколку тајни во уметноста на правење сенки со раце, додека во среда децата со Lichtbende ќе изработуваат кукли од рециклирани материјали, кои потоа ќе ги проектирааат со магични лампи. Посетителите ќе имаат можност да ја посетат и изложбата на традиционални кинески кукли за театар на сенки.

Фестивалот во својата публика редовно вбројува и деца кои припаѓаат на одредени општествено маргиналиизрани групи. Изминатите години дел од дружбата беа децата од СОС Детско Село, Трисомија 21 (асоцијација за деца со Даунов синдром и нивните семејства), Центарот за деца од улица во Шуто Оризари, а годинава таа можност повторно ќе ја имаат децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци.

Организатор на фестивалот е Здружението „Сенки и облаци“ од Скопје, кое со поддршка од Министерството за култура на РМ, Градот Скопје, Младинскиот културен центар и Амбасадата на Кралството Холандија по петти пат ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во магијата на театарските претстави со сенки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top