| четврток, 6 декември 2018 |

„Шубертова вечер“ со Марија Ѓошевска во Филхармонија

Во понеделник (20 ноември) со почеток во 20 часот, во малата сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи рецитал на истакнатата пијанистка Марија Ѓошевска. Концертот е насловен „Шубертова вечер“, а ќе бидат изведени „Фантазија – импромпти“ од Фредерик Шопен, на која како гостин ќе учестува ученикот Матеј Коруноски кој е четврта година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, како и Соната – фантазија, бр.18 и Шест музички моменти од Франц Шуберт.

Марија Ѓошевска  е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште „Владимир Арсовски“ во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог, проф. Борис Романов. Во рамките на докторатот под менторство на проф. д-р Томе Манчев, Ѓошевска успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D – 960 од Франц Шуберт“. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат следните награди: Прва награда на Републичките натпревари по пијано (1992, 95, 98), финалист на Меѓународниот натпревар по пијано во Усти над Лабен – Чешка (1995), финалист на Меѓународниот натпревар во Сенегалија – Италија (1996), трета награда на Меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз – Франција (1997),  прва награда на натпреварот за полифонија на Факултетот за музичка уметност – Скопје (1999, 2000, 2001). Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: „Охридско лето“ , „Скопско лето“, „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола и во повеќе земји низ Европа и светот: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Во Македонија нејзините рецитали редовно ги организира Културно- информативниот центар. Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки Симфониски Оркестар, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“ соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев… Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2010-2011 учествува на Европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура“ со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 одржува целовечерен Рецитал на фестивалот „Piano Plage Festival“ во Франција. Марија Ѓошевска во 2016 година ја доби престижната награда „Виртуози“ во категоријата музички изведувач. Таа е редовен професор на катедрата по пијано на ФМУ, член е на Сојузот на музички уметници на Република Македонија и член е на Сојузот на музички педагози на Република Македонија.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top