Кинотеката на Македонија на 19 ноември со почеток во 20 часот ќе се придружи во одбележувањето на 125-годишнината од раѓањето и 75-годишнината од смртта на писателот и уметник Бруно Шулц со проекција на документарниот филм „Барајќи ги сликите“ (Finding Pictures) на режисерот Бенјамин Гајслер, чија тема е Бруно Шулц, полски писател, уметник, литературен критичар и професор по уметност со еврејско потекло.
Шулц е роден во 1892 година во Дрохобиц, мал град во тогашна Австро-Унгарија, живеел во Полска, а стрелан на улица во гетото од офицер на Гестапо на 19 ноември 1942. Се смета за еден од најголемите прозаисти на полски јазик. Меѓу неговите најпознати дела се кратките раскази собрани во делата „Продавниците со боја на цимет“ и романот „Санаториум во знакот на клепсидрата“.
Бруно Шулц е веќе познат на македонската јавност. Неговите две сочувани книги, „Продавниците со боја на цимет“ и „Санаториумот во знакот на клепсидрата“, се преведени и на македонски јазик од страна на Бегемот, а во издание на „Антолог“ објавена е и биографската проза „Свршеничката на Бруно Шулц“ на Агата Тушињска.
Проекцијата во Кинотеката на Македонија е дел од светскиот настан „Светска проекција – 100 кино сали се сеќаваат на Бруно Шулц“, чија цел е меѓународно и меѓусебно поврзување и оддавање почит на еден од највлијателните полско-еврејски сликари и писатели.
„Барајќи ги сликите“ ќе биде прикажан во повеќе од 80 градови во Австрија, Бразил, Чешка, Еквадор, Германија,Израел, Италија, Македонија, Мексико, Холандија, Полска, Русија, Шпанија, Швајцарија, Украина и САД, а проекцијата во Кинотеката се реализира во соработка со Еврејската заедница во Македонија.
Бруно Шулц е светски познат писател и сликар, како и полски Евреин кој ги преживеал ужасите на германската окупација во градот Дрохобиц во 1941 и 1942 година. Во почетокот на војната успеал да преживее единствено заради цртањето мурали за децата на СС-офицерот Феликс Ландау, на ѕидовите од детската соба во вилата, во која тој живеел со своето семејство. Бруно Шулц бил стрелан и убиен од СС-силите на 19 ноември 1942 година. И покрај засилената потрага по Втората светска војна, муралите не биле пронајдени сè до 9 февруари 2001 година кога ги откри режисерот Бенјамин Гајслер. Во мај 2001 година претставници на Меморијалниот музеј за холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, Израел ги одзеле парчињата од муралите во Украина и притоа иницирале меѓународен скандал.
„Барајќи ги сликите“ ја документира потрагата, пронаоѓањето и неочекуваното исчезнување на муралите на Бруно Шулц и кој ја составува приказната за еден од најконтроверзните музејски присвојувања во последниве години. „Јад Вашем“ тврдат дека морална обврска е да се зачуваат уметничките дела, додека, пак, украинските и полските власти велат дека одземањето на муралите е криминал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.