Во тек е снимањето на играниот долгометражен филм „Ефектот на среќа“ на македонскиот режисер Борјан Зафировски, кој е и сценарист на филмот кој како тема ја има универзалната потрага по среќата која им е заедничка на сите луѓе. Соработник на сценариото е Дејан Дуковски. Деновите, по снимањето во Охрид и во Скопје, екипата е во студиото на компанијата „Фх3х“.
– Предизвикот на секој режисер е она што го имал замислено да го реализира, макар 80 отсто. На две-третини од снимањето може да кажам дека таа желба, идеја и предизвик се остварени – вели режисерот Зафировски.
Во главните улоги настапуваат Дејана Поповска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, а во останатите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска.
– Сценариото го пишував за Сашко Коцев, Ана Стојановска, а за другите ликови не бев сигурен. Кастингот траеше многу долго, скоро една година, бидејќи за мене тоа е многу важен елемент во филмот. Но, на крај јас сум пресреќен, дури и презедов ризик, бидејќи главниот лик во филмот беше машки, но по една година, одлучив да го сменам за женски лик. Се појави Дејана Поповска која студира глума во Франција и таа ме убеди дека може да го одигра тој лик без никаков проблем. Го оставивме сценариото, без да го менуваме. Иако беше пишуван за машки лик, сепак, на крај, главниот лик е женски – објаснува Зафировски.
Филмот би требало да биде комплетно готов на пролет, околу март идната година.
Во „Ефектот на среќа“ приказната е за Леа, 20-годишна девојка на која и е дијагностицирана тешка болест. Докторите и предвидуваат уште три месеци живот. Таа студира психологија, а нејзиниот професор говори за ефектите на позитивно размислување. Леа ќе се заинтересира и почнува да се лечи со алтернативни методи кои влучуваат позитивно размислување.
– Со збор може да спасиме или да утепаме човек. Во филмот има психологија и метафизика. Некако филмовите како да ги избегуваат овие теми – вели режисерот, кој долго време истражувал на таа тема, читајќи дела на познати автори како Лујза Хеј, Абрахам Хикс, Оспенски.
Зафировски за потребите на филмот дури имал и средба со еден индиски гуру кој ќе дојде на снимањето на филмот.
„Ефектот на среќа“ е во продукција на „Ново Македонско Видео“, најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенција за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу Момент“, „Видео Хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово. Директор на фотографија е Димо Попов.
Главната машка улога во „Ефектот на среќата“ му припадна на познатиот глумец Сашко Коцев кој вели дека градењето на ликот на Игор му било предизвик. Тој го толкува братот на главниот женски лик во филмот, Леа.
– Сакам да влегувам во проекти во кои ќе пробам нешто ново и ќе ми претставуваат актерски предизвик. Овој проект влегува токму во таа категорија. Задоволен сум од тоа како досега тече процесот, атмосферата на снимањето е релаксирана поради што сме попродуктивни и конструктивни во работата. Се надевам дека така ќе остане до последниот ден на снимање и ќе добиеме производ од кој сите ќе се гордееме – посочува Коцев.
Младата актерка Поповска студира во Франција, трета година на драматругија на „Нова Сорбона“ и е втора година на актерска игра на конзерваториумот „Жорж Бизе“.
– Леа е студентка на четврта година на психологија. Леа ми е блиска по години, таа има 23 години и се запишала на психологија. Обично се верува дека оние кои се запишале на овој факултет сакаат да си ги решат своите проблеми и да си помогнат себеси. Леа има семејни проблеми поради кои се запишува на психологија и потоа и се случува проблем. Леа се менува во текот на филмот – раскажува Поповска.
Како дел од активностите врзани со филмот „Ефектот на среќа“ на социјалните мрежи (Facebook, Instagram, Twitter) е отворен повик до сите заинтересирани да постираат видео или фотографија од тоа што ги прави среќни и притоа да го искористат хаштагот #TheHappinessEffect. Најдобрите видеа/фотографии ќе се појават во филмот режиран од Борјан Зафировски.
Снимањето на „Ефектот на среќа“ ќе продолжи и во следните 10-ина дена на различни локации во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура