Лука Кортина е роден во Фиренца. Во неговата биографија стои дека по студиите за средновековна книжевност и театар, заминува во Скопје и таму ги завршува студиите по театарска режија. Самиот во едно интервју ја раскажува приказната дека пред тринаесет-четиринаесет години влегол во Метестасио-градскиот театар во градот каде живеел. Вели дека морал да влезе за да се послужи со тоалетот, но го сретнал организаторот на театарот кого добро го познавал бидејќи целиот живот бил опкружен со театарскиот свет. Организаторот го замолил да дојде подоцна на работилницата која ја одржувал режисерот Паоло Маџели, кој инаку потекнува од Прато, поради откажување на еден актер не успеале да ги пополнат предвидените места за работилницата, а тоа бил пропуст на организаторите. На таа работилница на прашањето кој би сакал да се занимава со режија, Лука непромислено кренал рака, а десет дена подоцна му соопштил на Маџели дека навистина сака да режира. „Открив дека во Скопје постои академија и си реков-одам таму“…раскажува Кортина. Потоа следејќи го својот инстинкт ги завршува студиите, го изучува македонскиот јазик и работи во театрите во Македонија и на просторот на поранешна Југославија. Во моментов ја подготвува претставата „Вера, љубов, надеж“ во Драмскиот театар и по тој повод разговаравме со него.
Во Драмски театар премиерно ќе се одигра претставата „Вера, љубов, надеж“, чиј автор е Еден Фон Хорват. Кажете ни за што станува збор во текстот?
-Текстот „Вера, љубов, надеж“ е праизведба во македонските театри и за овој наш проект за прв пат беше преведен на македонски јазик. Иако станува збор за еден од најважните автори на 20 век, Еден фон Хорват, и едно од неговите позначајни дела, што инаку е редовно поставено во најголемите театри во цела Европа. И не само во Европа. Така што, мислам дека во однос на тоа ќе придонесе оваа претстава, сметам дека таа е еден отскок во однос на постојаниот репертоар на текстови кои се поставуваат во Македонија. Овој текст е специфичен поради тоа што во него се раскажува приказната на обичните луѓе. На луѓето кои живеат во свет кој е препознатлив како нашиот. Значи не станува збор за големи херои од класиците, ниту за историски личности, иако текстот е заснован на една хроника од триесеттите години. Сметам дека е многу важен исчекор со кој се потврдува квалитетот на македонските актери. Тие не ги играат добро само класиците, туку имаат способност и храброста да се соочат со нови предизвици кои немаат допирни точки со познатите дела кои се на репетроарот.
Во што верувате?
-Тешко прашање. Сигурно не ја сметам вербата како нешто што е поставено во некој религиозен или политички контекст…
Не во религиозен, ниту во политички контекст. Како човек, како уметник, во што верувате?
–Верувам во интуиција. Верувам дека креативноста и театарот имаат моќ да го обележат животот на уметниците кои се занимаваат со тоа и на луѓето кои ги посетуваат претставите. Верувам дека не треба премногу сериозно да се сфаќаме себе си, бидејќи сметам дека потребата на утврдување на сопственото его не носи далеку од основните можности на човечкото битие: можноста за емпатија, да почувствува. Верувам дека меѓу сите постоечки битија, особено човечките битија се раѓа и постои една фрекфенција, енергија што ги поврзува меѓу себе и од чија размена се создава се она што го чини животот. Така се случило, на пример, со Наталија Теодосиева и со Филип Трајковиќ: Ги видов и верував дека треба да ги играат Елизабета и Алфонс. И верувам дека животот е еден прекрасен пат за кој уште на почетокот знаеме како ќе заврши, а вреди во секој сегмент, во секој момент да се изоди до крај.
На што се надевате?
-Се надевам дека наскоро, благодарение на уметноста, луѓето ќе успеат да разберат дека треба една секунда, еден момент да застанеме. Да го запреме ова трчање кон сопственото уништување. Се надевам на храброста на поединецот, дека тој ќе успее етички да се спротивстави на законите што ги наметнува системот, бидејќи само кога некој ќе ги заобиколи дадените патишта, само тогаш се отвораат нови патишта и нови простори.
Што е љубовта за Вас?
-Љубовта е се. Љубовта е да дозволиш на некој да те повредува. Љубовта е нешто безусловно. Таа се раѓа само во контекст на слободата. Во контекст на признавање на сопствената и туѓата слобода. Љубовта е кога можеш да кажеш дека мојот живот е мој живот, а неговиот/нејзиниот живот е негов/нејзин живот. И тогаш се среќаваме на едно поинакво ниво кое не е само поседување и тогаш таму се раѓаат сите артикулации: еротичноста, сензуалноста, емотивноста, тензичноста…
Роден сте во Фиренца. Град богат со историја, тесни улички, престолина на уметноста… Како ја паметите Вие Фиренца?
-Убеден сум од ретките, но редовни посети кои ги правам на Фиренца, низ годините откако заминав оттаму, дека паметам една слика на Фиренца која повеќе не постои. Една слика што е заснована на спомени. Таа Фиренца не постои, како што не постои ни другиот град во кој го поминав најголемиот период од мојот живот во Италија, а тоа е Прато, кој е залепен со Фиренца. Кога бев помал таму можеше да се слушне постојаното удирање на разбоите на текстилните индустрии. Значењето на ова удирање за мене беше дека има надеж, дека преку создавањето, преку својата работа можеше да се учествува во создавањето на еден свет кој не е само потврдување на личниот егоизам, туку е заснован на слободно откажување од дел на сопствената слобода во име на колективното добро. Тие нешта што ги научив во Фиренца и инстинктот за убавина како приоритет ги чувам во себе и не знам дали некогаш ќе ги најдам. Наоѓам споменици, музеи, палати, галерии, но тоа што го чувам јас е во мене.
Од кога потекнува љубовта кон театарот? Дали отсекогаш знаевте дека ќе се занимавате со режија?
-Театарот мислам дека ми го спаси животот во повеќе наврати. Не би сакал да звучи премногу трагично, но би сакал да кажам дека во повеќе моменти ме извади од опасни ситуации што беа околу мене, така што на некој начин сум должен да му го посветам животот. Почнав многу мал да се занимавам со аматерски група, па потоа со тетарски работилници, но идејата да се посветам на театарот дојде од понатамошните студии и почнувањето со работа како слободен уметник во Италија. А од една пресудна средба со Паоло Маџели, во Прато се роди идејата да дојдам да студирам театарска режија кај Унковски во Македонија. Оттаму тргна патот кон театарот. А кога тргнуваш на пат, секогаш си на пат.
Зад Вас е режија на „Духот на слободата“ по текст на Горан Стефановски во театарот „Трајко Прокопиев“ во Куманово, „Аквариум“ од Рефет Абази во Тетовски театар, „Војникот фалбаџија“ во Турскиот театар, асистенција при режија на Александрар Поповски во „Животот на Молиер“ во МНТ, асистент на режија на Дарко Митревски во „Трето полувреме“, пак асистент на Поповски во „Балканот не е мртов“… Што ви „лежи“ повеќе: театарот или големото платно? Каде подобро се чувствувате кога режирате? Што ви е поинтересно?
-Мислам дека театарската режија е мојот приоритет. Моето изразно сретство преку кое може да артикулирам нешто непознато што често пати го имам во себе.
Италија е позната по љубовта кон фудбалот. Неодамна во една книга прочитав дека таму тоа е на ниво на религија. Сакате ли фудбал? За кој тим навивате?
-Главно го следам тимот од Фиренца, „Фјорентина“. Честопати немам време да го следам во живо. Како помлад играв фудбал, но и рагби и од нив научив дека играта во тим е поважна и е во служба на поединецот.
Во претставата „Вера, љубов, надеж“ актерите изведуваат музика во живо. Тешко ли беше да се реализира таа идеја?
-Композитор на музиката за претставата е Љупчо Константинов. Со него соработувам веќе два пати на претстави и мислам дека направивме одлична работа за оваа претстава. Овде актерите, кои инаку немаат музичко образование, научија да свират инструменти и да ја изведуваат „Погребниот марш“ на Шопен. Се случуваше се она што прилега на еден сериозен процес кој и прилега на работата на една сериозна претстава, така што учењето на изведување на музика е дел од актерските можности кои фантастичните уметници со кои работам ги имаат. „Во секој од нас лежи по еден инструмент“-често повторува Љупчо Константинов, така што само треба да се извади сето тоа од актерите. Немаше ниту лесни, ниту тешки моменти-сето тоа е природно. Има моменти во кои она што инстинктивно се извело, треба потоа да легне, да се утврди.
Сакате ли поезија? Кој Ви е омилен поет или писател?
-Многу сум љубопитен во однос на уметноста. Да кажеме дека ме интересираат поетички парчиња од авангардата. И тоа не само историската авангарда, туку оние автори кои истражуваат. Повеќе сакам уметничко дело што ме возбудува и што поттикнува во мене прашања, отколку да ми потврдува нешто што веќе го знам. Со оглед на тоа, омилениот писател или поет зависи од моментот, од периодот. Кога работам на претстава останувам преокупиран со материјалот, со авторот, со претставата и не читам друго. Кога го имав последниот слободен период се посветив на Данило Киш, кој е уметник што ме предизвикува.
Данскиот писател Јуси Адлер Олсен, во разговор ми рече дека ужива кога ја слуша музиката на српската група „Неверне бебе“. Призна дека не го разбира текстот, но едноставно јазикот му е мелодичен, убав… Со оглед на тоа дека дојдовте од Италија без да знаете ниту еден збор на македонски, како ви изгледаше Вам македонскиот јазик? Лесно ли го совладавте?
–Возбудливо е изучувањето на нов јазик затоа што со тоа учите и нов менталитет, нова култура. Особено македонскиот јазик имаше бројни карактеристики кои го прават многу шармантен за мене. Тргнувајќи од азбуката, преку структурата на реченицата. Тоа беше еден процес што го изодев доста брзо, но потоа го артикулирав доста долго. Значи, да почнам да зборувам ми требаше кратко време, но да почнам да ги објаснувам моите мисли ми требаше подолго време
Каква музика слушате?
-Секое утро се обидувам и барам да откријам некоја песна што не ја знам. Во последно време сум насочен на германската авангарда, но еве денеска песната што не ја знаев, а ја открив е џез темата: „I’m old fashioned“ на Паул Дезмонд ( Paul Desmond).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.