| четврток, 6 декември 2018 |

Сугарески се пофали со експресен пат Штип – Радовиш, ВМРО-ДПМНЕ му се заблагодари за реализација на нивниот проект

Владата на СДСМ повторно се кити со туѓи пердуви. Така денеска од страна на  министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески беше најавена градба на експресниот пат Штип Радовиш. Градбата на овој пат би била добар повод за фалење, доколку се работеше за проект кој го издејствувала владата на СДСМ, но не е така. Имено, се работи за проект кој одамна е изготвен и договорен, и тоа од страна на претходната влада на ВМРО ДПМНЕ.

-За еден месец ќе почне изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш во должина од 23,5 километри, инвестиција во вредност од 28 милиони евра, обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Патот ќе се гради на целосно нова траса од местото Софилари пред Штип до Бучим. Mаксималната дозволена брзина ќе биде 110 километри на час- соопшти денеска Сугарески.

Тој информира дека веќе е потпишан договорот за изградба и новиот  пат треба да биде завршен до крајот на 2020 или почетокот на 2021 година. Истовремено со изградбата ќе се изврши обнова со проширување на постоечкиот регионален пат, во што ќе бидат вложени три милиони евра.Новиот експресен пат ќе има две ленти со ширина од 3,5 метри и две ленти за застанување со ширина од два метра. Предвидено е да бидат изградени 11 мостови, 22 пропуста,  три надпатника и два потпатника.Активностите на терен ќе ги извршува австриската компанија „Штрабаг“  која е избрана како најповолен понудувач.

На најавата за градба на експресниот пат Штип Радовиш денеска реагираа од ВМРО ДПМНЕ, од каде  се заблагодарија на Сугарески и СДСМ што ќе го реализираат нивниот проект.

Мисајловски: Преку 142 километри нов автопат, 800 милиони евра средства за инфраструктура

-Добро е што Владата на СДС го реализира проектот на ВМРО-ДПМНЕ за градба на експресниот пат Штип-Радовиш.Од владата на ВМРО-ДПМНЕ и со силно залагање на поранешните министри за транспорт и врски беше изработен проект, беше направено проектирање, и беа обезбедени средства за градба по што се пристапи кон распишување на тендер и евалуација на понудите.Владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша и договор за изградба на експресниот пат од Штип до Кочани, а се финализираше и експресниот пат од Велес до Штип. Во финална подготвителна фаза беа оставени на владата на СДС и изградбите на експресните патишта Ранковце до Крива Паланка и експресниот пат од Охрид до Пештани- реагираат од ВМРО ДПМНЕ.

Нов експресен пат Штип-Радовиш

Меѓу другото од оваа партија потсетуваат дека автопатот Демир Капија-Смоквица кој е целосно изграден од владата на ВМРО-ДПМНЕ се уште владата на СДС не го става во употреба, поради банални и несуштински причини, а речиси стопирана е градбата на автопатот Кичево-Охрид како и експресниот пат Прилеп-Градско, исклучиво поради неспособност да се менаџира на дневна основа реализацијата на вакви крупни проекти.

-Ја потсетуваме владата на СДС дека сеуште граѓаните го очекуваат барем првиот километар автопат кој ќе го изградат од вкупно 500-те километри нов автопат кои ги ветија пред изборите дека ќе ги реализираат-потенцираат од ВМРО ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top