Владата денеска на седница донесе заклучок за престанок на акцијата „Ден на дрвото“, а причина како што велат од Илинденска се слабите ефекти од досегашното спроведување.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека идните активности за пошумување ќе се реализираат со одобрена предлог програма за проширена репродукција на шумите на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“.
Инаку, десетгодишната акција „Ден на дрвото“ беше силно поддржана од претходната Влада со сите надлежни министерства, од Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС) со општините, ЈП „Македонски шуми“, како и од дипломатскиот кор во земјава.
Целта на акцијата беше да се стави акцент на сите придобивки од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет.
Од 2008 година, кога почна акцијата „Ден на дрвото“, досега се пошумени нешто повеќе од 13.000 хектари со над 35 милиони садници, а само минатата година, пошумени биле над 500 хектари со повеќе од 2,6 милиони дрвца.
Колку за потсетување, најреномираните светски медиуми како Франспрес, Ројтерс, Би-Би-Си, со восхит известуваа за акцијата, па така таа и донесе меѓународна афирмација на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.