| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт во МОБ чест на Ѓоко Николовски, највозрасен активен музичар во Македонија

Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) вечер (вторник, 7 ноември) од 20 часот во фоајето на Македонската опера и балет организира концерт по повод 90 години од раѓањето на Ѓоко Николовски, највозрасниот активен музички уметник во Македонија. Тој ќе настапи заедно со пијанистот Тодор Светиев, сопранистката Слободанка Танева и тенорот Влатко Груевски.

На концертот, насловен „На виолината со љубов“, ќе бидат изведени дела од Моцарт, Бах, Перголези, Доницети, Џордани, Мајербер, Леонкавало, Каполонго, Кардиљо, Верди, а премиерно и композицијата „Охридски лебеди“ на Николовски.

Ѓоко Николовски е роден на 14 август 1927 година во Битола. Бил долгогодишен концерт-мајстор на оркестарот на МОБ. Почнал да свири виолина кај Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Музичка академија завршил во Љубљана каде дипломирал на отсекот за виолина кај познатиот професор Леон Фајфер. За време на студиите и престојот во Љубљана работел во РТВ Љубљана како член-виолинист на Симфонискиот оркестар. Со стипендија од владата на Италија, бил на  едногодишна специјализација на познатиот конзерваториум „Џузепе Верди“ во Милано и Миланската скала.

Во Операта и Балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МНТ и многу други состави.

– Ѓоко Николовски е највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки. Овој концерт со посебен пиетет ја одбележува годината во која со навршени 90 години, Николовски го споделува со нашиот аудиториум својот извонреден музички талент и живот безрезервно посветен на музиката и неговата љубов – виолината, соопшти СОКОМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top