| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува снимањето на филмот „Деца на сонцето“

deca_na_sonceto_plakat-320x480

Во Отешево, на брегот на Преспанско Езеро, денеска ќе почне да се снима филмот „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митриќески, негов трет игран филм по „Преку езерото˝ од 1997 и „Како лош сон“ од 2003 година.

Планирано е филмот да се снима 36 работни дена во преспанскиот регион (Ресен, Отешево и Претор), и по неколку дена во Битола и во Скопје.

По сценарио е на познатиот балкански автор Гордан Михиќ и е копродукција со Србија и Црна Гора. Македонски продукции се „Хоризонт филм“ и „Револушн продукција“.

Филмот е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко, а нив ќе ги толкуваат младите Кире Ѓоревски, кој дипломирал во Бугарија, и Ивана Павлаковиќ, студентка на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Режисерот Митриќески на прес-конференција пред еден месец рече дека филмот ќе биде прототип на една македонска и балканска фамилија.

– Филмот ќе прикаже македонска фамилија преку која сакам да направам дијагноза на општеството, пресек на сите нивни страдања, илузии, премрежиња… Се трудам да го опфатам менталитетот на македонскиот народ, да не избегам од вистината која најмногу ме интересира во овој филм и затоа во него нема измислици – рече Митриќески.

Во филмот ќе играат Владо Јовановски, Милица Стојанова, Мето Јовановски, Ацо Дуковски, Ѓорѓи Јолевски, Данчо Чевревски, Билјана Таневска, Камка Тоциновски, Мартин Мирчевски, Сашко Коцев и три деца. Новина е што Влатко Стефановски, кој е автор на музиката за филмот, првпат ќе има епизодна улога на филм и ќе го игра Човекот со гитара.

Директор на фотографија е Јарек Шода од Полска, колега на Митриќески од студентските денови на филмската академија во Лоѓ, со кого соработуваше и на својот претходен филм „Како лош сон“. Костимограф е Зорица Тодорова-Младеновиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top