| четврток, 6 декември 2018 |

Можни се предвремени парламентарни избори во Грција

Левичарската Влада на Грција размислува за евентуални предвремени парламетарни избори на пролет или есен следната година, или во мај 2019 година заедно со изборите за претседател и за Европскиот парламент.

Ова го пишува грчкиот весник „Та Неа“ и покрај тоа што грчкиот премиер Алексис Ципрас не пропушта да истакне дека избори ќе има кон крајот на мандатот на неговиот Кабинет, односно во септември 2019 година. Сепак, функционери од неговото најтесно опкружување тврдат дека владејачката коалиција во соодветен момент ќе спроведе предвремени избори.

– Кабинетот веќе вежба на хартија, паралелно со напорите на Владата да демонстрира социјална приврзаност, подготвувајќи се да дистрибуира повеќе од една милијарда евра во вид на социјални бенефиции за Божик, ветувајќи даночни олеснувања и постојано правење законски измени, пишува весникот.

Конфликтот меѓу Владата и опозицијата од петокот, кога во Парламентот се конфронтираа околу безбедноста и насилството во земјата, беше првиот знак за тоа што ќе следи. Растечката поларизацијка е можност да ослабе и внатрепартискиот притисок, кој Ципрас го чувствува од растечката недоверба на Групата 53 во Сириза.

Ципрас за оваа недела закажа и заседание на парламентарната група на Сириза за да се обиде да ги затвори сите внатрепартиски фронтови. Паралелно со тоа, тој ги очекува и есенските прогнози на Еврокомисијата за Грција за да ја оправда социјалната помош што планира да ја подели и да го подготви својот електорат, додава „Та Неа“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top