Од 4 до 7 ноември со почеток во 18 часот во Кинотеката на Македонија ќе започне филмската програма на фестивалот „Десонанз“ специјално селектирана од интернатионалниот фестивал на документарен филм „Докуфест“.
На 4 ноември, сабота, ќе биде прикажан документарниот филм ТОНИ КОНРАД: СОСЕМА ВО СЕГАШНОСТА (Tony Conrad: Completely In The Present) посветен на животот и кариерата на Тони Конрад – уметник, музичар, режисер и пионер на експерименталниот филм кој заедно со неговите современици ЛеМонт Јанг и Џон Кеј го инспираат создавањето на култните „Велвет андерграунд“. Користејќи приватни снимки од архивата на Тони Конрад и неговите соработници низ текот на дваесет и две години, како и материјал од неговите филмови, овој филм на возбудлив и визуелно импресивен начин го отсликува радикалниот, но забавен пристап на Конрад кон филмската и музичката уметност.
Селекцијата на краткометражни музички и експериментални документарни филмови ќе биде прикажана во недела, 5 ноември.
1. КОМИТЕТ (The Committee), Режија: Гунхилд Енгер (Gunhild Enger)
2. ГРИНГО ОД ЗЕЛЕНИОТ ЕКРАН (Green Screen Gringo), Режија: Дуве Џикстра (Douwe Dijkstra)
3. ХИМЕРИСКИОТ МУЗЕЈ НА МЕНУВАЊЕ НА ОБЛИЦИ (The Chimerical Museum of Shifting Shapes), режија: Дамиан Алкерике (Damian Alchuiqire)
4. НЕЖНА НОЌ (А Gentle Night), режија: Ки Јанг (Qiu Yang)
5. ДИСКОТО СЈАЕ (The Disco Shines), режија: Кема Гарсија Ибара (Chema Garcia Ibarra)
6. ЕДНА НОЌ ВО ТОРОРИКИ (A night in Tokoriki), режија: Роксана Стро (Roxana Stroe)
Првиот дел од најновиот документарен филм на прославениот британски режисер Адам Кертис направен во соработка со „Би-би-си“, ХИПЕРНОРМАЛИЗАЦИЈА (HyperNormalisation), кој е еден од најгледаните и најактуелни документарни филмови на 2016, ќе биде прикажан на 6 ноември со почеток во 20 часот во Кинотеката на Македонија, додека пак вториот дел од овој филм љубителите на филмска уметност ќе имаат можност да го погледнат на 7 ноември во 20 часот.
ХИПЕРНОРМАЛИЗАЦИЈА на извонреден начин ја раскажува приказната за тоа како светот стигнал до ова чудно време на несигурност и конфузија, вовлекувајќи нѐ во една симплифицирана и сосема лажна верзија на светот околу нас.
„Докуфест“ е интернационален фестивал на документарен и краток филм кој се одржува секоја година во август во Косово, Призрен. Своето прво издание на фестивалот е одржано во 2002 година од група пријатели, а низ годините прерасна во осумдневен културен настан кој привлекува интернационални и регионални филмаџии, како и публика. Покрај филмската програма на „Докуфест“, фестивалот во својата програма вклучува голем број на активности, мастеркласи и работилници.
„Десонанз“ е годишен фестивал на нова уметност и современа музика чија мисија е да открива, мапира и промовира автентични изрази на музичка култура и уметност во современото општество. Фестивалот истражува и експериментира со естетските стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика. „Десонанз“ дозволува креативните аномалии да го осветлат патот кон иднината и го канализира стравот од непознатото во љубопитна возбуда од соврмената уметност, култура и технологија.
Во насока на градење на современи културни вредности и промоција на филмска и музичка култура, влезот за овие настани е бесплатен за сите посетители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.