Вчера околу петнаесет часот и четирисет минути, шеесет и осум годишен битолчанец, од саму нему познати причини, го каменувал Почесниот конзулат на Руската федерација во Битола кој се наоѓа на најфреквентното градско јадро на плоштадот “Магнолија“.
За време на овој вандалски чин при кој е уништен стаклениот излог, во Конзулатот се наоѓала вработената службеничка, која за среќа не била повредена. Насобраните битолчани веднаш повикаа полиција која веднаш пристигнала и го уапсила насилникот.
– Едно лице со коцка два пати фрлаше и го каменуваше излогот на Рускиот културен центар. Стаклото беше искршено на две места и се наобра народ. После дојде полиција и го приведе- рече Владо Трампевски, очевидец на настанот.
Денеска реагираа претставниците од Сојузот и здруженијата за македонско- руско пријателство.
– Ваков случај во битола се нема случено. Згрозени сме од немилиот настан кој што настана во Битола. Инаку, како што знаеме, односите со Русија од секогаш биле на високо, братско ниво. Ние сме народи кои се сакаме и ова што се случи, навистина го осудуваме- рече Петар Гаштарски, претседател на Здружението за македонско- руско пријателство од Битола.
Од СВР Битола велат дека по извршениот увид, насилникот бил уапсен и сослушан, кој се бранел дека вандалскиот чин го направил поради лични проблеми и тужба и со тоа сакал својот револт да го искаже на некаков начин. Битола како конзулски град од секогаш имала длабоки духовни и културни врски со Руската федерација, а се чествува ликот и делото на рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.