| четврток, 6 декември 2018 |

„Македокс“ ја најавува премиерата на документарецот за легендарниот Жак Мајол „Човекот – делфин“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ премиерно ќе ја прикаже инспиративната документарна приказна за легендарниот Жак Мајол, првиот човек кој ја достигнал длабочината од 100 метри во слободно нуркање. Благодарение на својата посветеност и дисциплина, човекот-делфин, како што го нарекуваат Мајол, успева да ги помести границите на човечкото тело и ум, а станува главна инспирација и за играниот филм „Големото синило“ на Лик Бесон.

„А сега замисли си дека си делфин и дека живееш слободно според своите потреби. Во секој од нас спие по еден делфин“, вели човекот кој ги помести границите на човечкото тело и ум, но не заради рекордите, ами заради слободата што се раѓа во длабокото, каде што синото повеќе не е сино, каде што небото и чувствата стануваат сеќавања, каде што тишината е потполна, а времето не постои.

Документарниот филм „Човекот – делфин“ е воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ќе ја достигне длабочината од 100 метри со слободно нуркање. Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за „Големото синило“ на Лик Бесон.

Филмот од 78  минути е италијанско-француска копродукција во режија на Лефтерис Чаритос. Во Скопје ќе биде прикажан на 2 ноември во Кино Култура, на 3-ти во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид и на 4 ноември во Спомен-куќата „Браќа Миладиновци“ во Струга. Почетокот е во 20 часот.

Цената на билетите е 100 денари.

„Moving Docs“, платформа која е финансирана од МЕДИА на Креативна Европа.

Карти може да се набават онлајн преку Купи Карти за сѐ, на врата, но и на повеќе продажни места низ државата.

Со почит,

„МакеДокс“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top