На финишот од предизборната кампања, се интензивираа финансиските трансфери на сметка на невладините организации. Министерството за финансии вчера објави дека се префрлени околу половина милион евра на сметките на невладините организации со што за овој месец, бројката на префрлени средства од државната каса на нивните сметки, достигна 39 милиони денари.
Засега нема податоци кому и за што се префрлени половина милион евра од буџетот.
Колку за споредба, невладините, од државниот буџет, примија 77 пати повеќе пари од вкупната вредност на сите префрлени субвенции на приватни претпријатија за месецов.
Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски, на отворањето на вчерашната конференција „Предлог модел за државно финансирање на граѓански организации во Македонија”, рече, дека невладините организации треба да бидат финансирани од Владата, но не треба да бидат купени со парите.
– Нашата интенција ќе биде реално да направиме проценка каде средствата дале ефект и колкав е тој ефект во општеството. Финансиите се лимитирани според буџетските можности, меѓутоа било каква друга помош секогаш ќе биде пружена ако е во насока на јакнење на јавниот интерес. Едностано од нас покрај што ќе барате парични средства барајте и друг тип на помош- изјави Рашковски.
Меѓутоа, Владата не дава одговор за што се користат милионските суми кои ги префрлаа на сметките на невладините организации. Не дава одговор ниту кои се тие невладини организации и со што ги заслужиле милионите што им ги дава државата.
Наместо вложувања и реализација на капитални проекти и добра кои ќе обезбедат повеќекратни сегашни и идни користи, парите на и онака аномаличниот буџет се трошат на невладини организации и на останати непродуктивни проекти.
Додека економијата тоне во рецесија, просечните плати се намалуваат, државниот буџет е на дното, за Министерството за финансии, приоритет е префрлање пари на сметките на невладините организации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.