Денес (26 октомври) со почеток од 18:30 часот во концертната сала на Музеј „Борис Христов“ во Софија ќе се одржи концерт со наслов „Вечер на македонски автори“, на кој ќе бидат изведени дела за флејта и пијано од македонски композитори од неколку генерации. На концертот ќе настапат Златка Митева – флејта и Наташа Трбојевиќ – пијано. Програмата на концертот опфаќа дела од Стојан Стојков, Гоце Гавриловски, Валентина Велковска – Трајановска, А. Мелоти, Томислав Зографски, Љубомир Бранѓолица и Трајко Прокопиев.
Златка Митева своето образование го стекнува при Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, каде дипломира и магистрира во класата на проф. Лидија Ошавкова. Се усовршувала посетувајќи бројни семинари и мастеркласи кај познати светски педагози по флејта (Патрик Гала, Жерард Бургоњ, Андраш Адорјан, Марина Новак, Филип Бернолд, Клаудио Ферани). Добитничка е на повеќе награди и признанија меѓу кои Лауреат на меѓународниот натпревар „Петар Коњовиќ” во Белград (1998) и добитник на Специјална награда по камерна музика на меѓународниот натпревар „Земјата и луѓето” (Софија, 2002). Настапувала како солист со Македонската филхармонија, Академскиот симфоничен оркестар на Софија, како солист и во камерни формации музицирала на фестивалите „Мајски денови“ (Русе, Бугарија), „Бахови вечери“ (Софија), Штипско културно лето, Европскиот музички фестивал во Варна, фестивалот „Аполонија“, Интерфест Битола, а настапила и во Словенија и Италија. Митева е активен камерен музичар, и делува како член Трио Академико со кој настапувала на домашни и странски концертни подиуми, а настапувала и како член на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“, а е дел и од Академското дувачко трио. Митева е вонреден професор по флејта на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Наташа Трбојевиќ своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, дипломирајќи пијано во класата на проф. Лепша Пиперковска, а магистрирајќи во класата на проф. Евушка Трпкова – Елезовиќ. Настапувала на бројни солистички концерти во организација на Музичка младина на Македонија и Млади музички уметници, Штипско културно лето, Скопско лето, а посетувала семинари и мастеркласи кај истакнати пијанисти и педагози (Б. Романов, А. Валдман, Ј. Михајловиќ, Д. Трбојевиќ и други). Трбојевиќ припаѓа на првата генерација дипломирани пијанисти од Штип и е еден од основачите на класата по пијано во Средното музичко училиште. Од 2007 година работи како уметнички соработник на Музичката академија при УГД, а веќе од 2016 година е Доцент на оваа високообразовна институција. Покрај бројните солистички настапи и рецитали, Трбојевиќ придружувала голем број истакнати македонски солисти на преку 40 концерти, меѓу кои оперските пејачи Борис Трајанов, Благица Поп Томова, Димитар Кожухаров, Наташа Пандазиева, потоа со инструменталистите Златка Митева, Бранко Павловски и во пијано дуо со Илија Настовски. Заедно со Митева, Трбојевиќ е член на академскиот состав Трио Академико. Во 2014 година го реализира своето прво ЦД со барокна музика за глас, труба и пијано заедно со оперската певица Благица Поп Томова и трубачот Васко Ристов. Со него во 2016 година одржа целовечерен концерт во MC Gallery во Њујорк, САД.
Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.