| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Ние во Зрновци нудиме концепт во кој ќе нема неасфалтирана улица и ќе има парк во секое маало

Она што на големо овие денови се турка од актуелната власт е сеење на страв, агресија, заплашување, уцени, злоупотреби од полиција, закани како и тортура за да не се види реалната слика во која живее народот, ова го потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Зрновци.

-Погледнете овие пет месеци откако тие се на власт веќе нема проекти како во минатото, не зборуваат за економски достигнувања, инвестиции, нема веќе телевизиски прилози за нови училишни спортски сали или пак за нови училишта, нема нови фабрики, канализациски мрежи, водоводи. Исто така ги измамија и пензионерите и нема покачувања како што им даваше ВМРО-ДПМНЕ на сите пензионери, а најавија и кратење на субвенциите. Тие најново велат дека ќе ги зголемат и даноците, а оваа одлука е само уште една потврда дека тие не ги бива за работа и тоа се гледа. Сите овие работи како и дека носат чесни политичари, дека носат демократија и слобода, всушност тие на терен носат страв, тортура, уцени, закани и полиција. Пари за поткуп се делат на големо, а институциите молчат затоа што и тие се приклучени, истакна Груевски.

Тој додава дека сите видовме како  како СДСМ спроведуваат избори.

-Нема да зборам само за пукнатиот череп на градоначалникот на Шуто Оризари, за убиениот носител на советничка листа, за искршените штабови, за измислените кривични пријави против градоначалниците. Ќе ви пренесам едно искуство од она што се случува сега на терен. Илчо Захариев од Штип ми вели „Се борам против цела Влада и цела полиција. Ме следат и првиот ден после првиот круг ми упадна финансиска полиција“. Го следат секој ден со цивилни коли, им влегуваат по домовите кои тој ќе ги посети. И методот е ист, ако не успее поткуп, следува закана или уцена. Тони Трајковски од Гази Баба ми вели „Со денови еден ист човек дели пари во Јурумлери и околните населени места. Среде бел ден и мака си нема. Пријавив во полиција, нема реакција. Ги информираме набљудувачките мисии, но тие се неми“. Во Новаци им се заканувале дека ќе ги избркаат од РЕК Битола, а во скопски Бутел полицијата, активистите на СДСМ и криминалното подземје се едно исто исповрзани и во најголемо партнерство. Тоа е слика во скоро секоја општина каде има избори во вториот круг. Така беше и во првиот круг, порача Груевски.

Тој вели и дека дојде време криминалците да се на слобода, а патриотите во затвор.

-Красниќи на слободна, а Едмонд Темелко, човек кој што е борец за човекови права на Македонците во Албанија, единствен градоначалник надвор од границите на Македонија, тој во затвор. Убијците на децата во Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса, четири години затвор, изјави Груевски.

Тој кажа дека немилите настани кои се случени на 27 април биле немили сцени кои не требало да ги има, но дека биле намерно испровоцирани. Тој кажа и дека кога гледаат колку криминалци се ослободуваат од затвор и гледаме како се апсат овие луѓе тоа е неправда и најави дека целосно ќе се застане зад нив.

-Да не дозволиме да ни ги одземат бастионите на ВМРО-ДПМНЕ, во сите овие години на власт и кога беа а и сега кога се повторно тие не направија ништо за оваа општина. Во Зрновци ќе ве потсетам кога дојдовме на власт имаше 279 вработени, а заклучно со 2016 година имаме 565 вработени и тоа е дуплирање на бројот на вработените, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Во иднина ќе обезбедиме и здрав оброк за секое дете од прво до петто одделение, како и купување на сопствен дом за семејствата по симболична почетна цена од едно евро, а ќе бидат и ослободени од плаќање на комуналии. А освен тоа и социјално ранливите семејства ќе добијат отпис на долгови заклучно 30 септември 2017 година. Ние нудиме концепт во кој ќе нема неасфалтирана улица или неосветлена и парк во секое маало.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top