По повод одбележување на светскиот ден на сиромаштијата, 17 октомври, со цел подигање на општествената свест за донирање на храна на оние на кои таа им е најпотребна, граѓанската иницијатива „Мрдни со Прст” заедно со Црвен Крст на Град Скопје, организацијата „Ајде Македонија”, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства „Љубезност”, Сојуз на извидници на РМ и организацијата „АДРА” во Скопје организираа акција за донација на храна со поставување на пет штанда за донирање на конзервирана и нерасиплива храна.
Акцијата симболично наречена „Нахрани 1000” наиде на огромен одзив од страна на граѓаните, бизнис заедницата и вработените од 16 компании во Скопје. Имено, за само еден ден на 5-те поставени штанда во главниот гради и од 16те компании кои се приклучија на акцијата за донирање на Мрдни со Прст, беше собрана храна со вкупна тежина од пет тона, што според пресметките значи над 16.000 обезбедени оброци само преку оваа акција.
Според организаторите, одзивот и интересот на граѓаните и компаниите за акцијата ги надмина очекувањата, имајќи го предвид фактот што оваа акција беше организирана за прв пат во Македонија. Со ова, се потврдува и потребата за почесто организирање на настани од ваков вид, но и можно претворање на оваа акција во традиционален годишен настан, бидејќи како што велат тие, граѓаните од ранливите категории секојдневно се соочуваат со недостаток на храна.
Организаторите ја упатија нивната огромна благодарност до сите поединци и компании кои мрднаа со прст и кои овозможија нивните сограѓани кои се соочуваат со проблемот со недостаток на храна да имаат топол оброк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.