Вториот моден ден во хотелот „Скопје Мериот“, продолжи вчера со уште пет модни ревии, во рамките на есенскиот Моден викенд Скопје.
На првата ревија се претставија студентите кои се под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева од „Институтот за дизајн и инжењеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.
„Од идеја за кожурец“ како прва фаза од развојот на пеперутка, преку трансформација и финална фаза, 2017 година за студентите е одбележана како година во која континуирано се работи на тема „Метаморфоза“.
Тие ги презентираа своите дизајни во три фази, од кои првата беше изложба на скопскиот моден викенд во април. Водени од оваа тема тие развиваа идеи инспирирани од процесот на трансформација, истражуваа разни материјали, повторно соработуваа со идните биотехнолози од ТМФ, па покрај со облека, интерпретацијата на оваа тема ја збогатија со накит од јадлива превлака. Втората фаза беше одбележана со традиционалната модна ревија на ТМФ во јуни, која беше придружена со изведба на молекуларна храна и пијалаци на катедрата за прехранбена и биотехнологија. За крај, третата фаза е оваа ревија во која е заокружен целиот метаморфозичен процес кој претрпел еволутивни промени низ сите фази – вели Георгиева.
Најновата колекција на „Marsin“ која ја потпишува Марија Трајанова е наречена „Inside out“.
– Главната инспирација доаѓа од најинтимните мисли на жената, која секогаш сака да изгледа како модна икона во својата идеја за самата себе. Убавата долна облека и дава дополнителна самодоверба на жената и јас токму таа самодоверба сакав да ја преточам во колекција и да ја извадам на виделина – вели Трајанова.
Младата дизајнерка Сара Реџиќ за колекцијата „Bohemian rhapsody“ ќе рече „Модерната жена и разновидноста на стилови во нашето опкружување преточени во модни парчиња, кои со леснотија се носат на разни пригоди. Топло есенско волшепство од бои, ткаенини и идеи како разновидна слика на еден внатрешен свет на секоја жена.“
Првпат на Моден викенд Скопје ги видовме „Minna Fashion“ и колекцијата „Love the spark“ која е инспирирана од „романскиот стил“ и содржи 20 уникатни фустани.
За крај на вториот ден од Моден викенд Скопје се претстави „Drama Studio“ со колекцијата „Concept 2020“.
– Модните парчиња се лимитирана едиција, поттикнати од секојдневното наше живеење, колку сме ние Андроиди заглавени во електронскиот свет. Станува збор за несекојдневна модна колекција за сегашноста и иднината, творевина за #Concept2020. Колекцијата е ресајклинг, пет френдли и прилагодлива за нашиот пазар со префинет вкус. – Драма студио како и секогаш, ќе ви ги отвори чакрите како сонувачи во потрагата по постојано ваше совршенство – вели дизајнерката Ивана Кнез.
фото: Ани и Дими
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.