| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски најави отворање работни места во Железара

Гледаме дека СДСМ немаат програми односно имаат формални програми колку да покажат нешто и гледаме дека зборуваат за воздух, ветер и магла, тие видоа дека не можат да не победат со работа па удрија на криминални избори и избори преполни со поткуп и секојдневно се делат пари насекаде, ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната средба со граѓаните од Железара.

-Од цела Македонија јавуваат делења на пари, вчера и во Јурумлери истото се случувало, нашите информации се дека како никогаш досега има поткуп во цела Македонија и 20 милиони евра СДСМ инвестираа во поткуп, од каде се тие пари, кој ги дал истите? Се разбира ги дал некој кој што има интерес СДСМ да дојде на власт, да победи за да заврши нечии туѓи интереси кои со во прашање. Овие пари се со цел да се исполнат целите за промена на името, ре- дефинирање на државата, промена на идентитетот, како и јазикот. Во Македонија се спроведоа африкански избори, видовме пукнат череп на кандидат за градоначалник, убиен кандидат за советник, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, слики со пиштоли и полиција која молчи и чува стража додека СДСМ поткупува гласачи на различни места, вели Груевски.

Тој додава дека секој ден со име и презиме дознаваме како потплаќаат гласови, но нема реакции и следниот ден истата песна тие ја продолжуваат.

-Луѓето кои што на 27 април оваа година упаднаа во Собранието живеат во страв, додека криминалците се на слобода, а патриотите по затвори. Немилите настани беа намерно испровоцирани откако тие сакаа на нелегален начин да донесат претседател на Собранието. Грешно беше што луѓето влегоа и ние го осудивме насилството, но што е тоа што подоцна го прави СДСМ? Ако има правда нека одговараат сите, но во оваа држава се покажа дека нема правда кога го пуштаат Красничи од затвор да се смее на македонската јавност која ја држеше четири месеци под опсада и полнеше кутии на изборите. Нема правда и за пуштањето на Бајруш, нема правда и за Рахиќ кој што наводно се во домашен притвор напаѓаат градоначалници од нашата коалиција, нема правда и кога најавуваат дека ќе  ослободуваат затвореници од затворите осудени за тешки сторени дела, потенцираше Груевски.

Груевски напомена дека лагите си испливуваат на површина, лагите се гледаат, сиромаштијата расте, државата е на колена.

-Не заборавија да го склучат штетниот договор со Бугарија, се затрчаа уште првата недела во Софија, затоа што веројатно имаат некои обврски кон нив, нешто преземале, па сакаа уште првиот ден да го потпишат договорот, па им рекоа чекајте не брзајте, ќе испадне без никакви преговори. Да одглумиме два месеци за еве после да испадне дека нешто сме преговарале, изјави Груевски.

Груевски кажа дека тие потпишале она што ВМРО-ДПМНЕ не сакале да потпишат и напомена дека тие немаат ништо против Бугарија, како што кажа тие се наши соседи, дека треба да си пружаме рака и многу други работи, но не на овој начин, не со менување на македонската историја.

-Потпишаа и дека се откажуваат од македонското малцинство во Бугарија, се откажаа и од јазикот и затоа ние велиме, ајде на референдум, да го прашаме народот, да видиме народот што ќе каже за тоа. Па ако одобри народ во ред, но ако не одобри, тогаш ни ВМРО ни СДСМ не треба да го гласаат, изјави Груевски.

Тој кажа дека крајната цел е промена на името на државата, дека планираат ист таков договор како со Бугарија и да направат договор со Грција. Тој спомена и дека на средбата со Никос Коѕијас од него добил порака дека сакаат спорот со името да го решат како што Македонија го реши проблемот со Бугарија.

-Народот нема да го издржи ова долго, нема да издржи да му ја купуваат душата, затоа што македонскиот народ низ историјата покажал цврстина и знаел да ја крене главата против неправдата, што ни се случува сега, изјави Груевски.

Тој порача дека нема да дозволат да ги скршат, дека заеднички ќе се спротистават. Тој порача дека не треба да дозволи народот апсолутна власт. Спомена и дека немаат направено ништо за Гази Баба никогаш.

-Во Железара се планираат многу работи, останува клучната работа на ВМРО и понатаму она што имавме досега, а тоа е отворањето на нови работни места. Во општина Гази Баба во 2006 година во август, кога ВМРО дојде на власт, се на се, од цела општина имаше 7.400 вработени, на крајот на минатата година во Општина Гази Баба над 15.400 вработени, на двојно повеќе, тоа е ВМРО, изјави Груевски.

Тој кажа дека секое дете во училиштата ќе добива бесплатен здрав оброк. Тој кажа дека Трајковски ќе обезбеди за сите оние кои немаат свој дом, ќе се даде градежно земјиште за едно евро од метар квадратен.

-Во Железара се планира завршување на водоводната мрежа, по должината на ново предвидениот булевар Хрватска, ќе се создадат услови за изградба на нова водоводна мрежа, со пумпна станица и резервоар за населбата Железара и Автокоманда, изјави Груевски.

Тој кажа дека се предвидува изградба на атмосферска канализацијата во Железара, изградба на пешачки зони, ревитализација и модернизација на инфраструктурата во индустриските паркови, реконструкција училишната сала во училиштето Глигор Прличев. Тој кажа дека Тони Трајковски ќе работи силно и непоколебливо на граѓаните за цела Гази Баба меѓу кои се и оние од Железара.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top