Во 14 часот по локално време во саботата избирачките места за парламентарните избори во Чешката Република се затворени, а се очекува победа на милијардерот Андреј Бабиш, а првите проекции се очекуваат во раните попладневни часови.
По два дена гласање, движењето ANO, кое противниците го опишуваат како „популистичко“ коешто го води Андреј Бабиш кого медиумите го нарекоа „чешкиот Трамп“, се очекува дека ќе освои меѓу 25 и 30 отсто од гласовите. Но изборниот праг од 5 отсто би можеле да ги минат дури девет партии, па составувањето на идната владејачка коалиција е многу тешко да се предвиди.
Бабиш својата голема популарност ја здоби со најавите дека ќе се бори против естаблишментот и традиционалните партии, ќе ги поттикне вложувањата, и ќе го оневозможи доаѓањето на имигрантите што го поддржуваат мнозинството Чеси и наспроти притисоците од Европската унија за распределба на имигрантите според квотите за секоја земја членка.
Претприемач од словачко потекло, Андреј Бабиш е сопственик на земјоделско-прехранбениот гигант „Agrofert“ и е вториот најбогат човек во Чешка.
Оваа централноевропска посткомунистичка членка на ЕУ оствари брз економски раст, урамнотежен буџет и најниска стапка на невработеност во Унијата од само 3,8 отсто. Меѓутоа, гласачите се наклонети да го подржат ANO и другите опозициски партии, иако имиграцијата во Чешка речиси и ја нема. Но стравувањето од наплив на имигранти, главно од муслиманските земји од Блискиот и Далечниот исток или од северна Африка, имаше голем удел во предизборната кампања, а речиси сите партии тврдеа дека ќе се спротистават на обидот на Брисел да ја натера Чешка да прими бегалци и имигранти.
Бабиш, за кого противниците тврдат дека претставува закана за демократијата поради неговата деловна моќ, авторитарно однесување и медиумските вложувања, се противи и на воведувањето на еврото, што е особено омилено ветување за бројните чешки евроскептици. Бабиш, исто така, е голем противник на подлабоките интеграции во ЕУ и голем критичар на Брисел, но ги истакнува и предностите коишто Чешка ги доби од членството во ЕУ, сметајќи дека Прага би требало да преземе посилна улога во реформирањето на Унијата.
Новата чешка влада ќе ја замени актуелната влада на левиот центар на социјалдемократите од ČSSD, на премиерот Бохуслав Соботка, во којашто ANO беше коалициски партнер. На претходните парламентарни избори во октомври 2013 година ČSSD победи со 20,45 отсто, додека ANO како тогаш нова партија на политичката сцена освои 18,65 отсто од гласовите.
Овие избори би требало да донесат радикална трансформација на чешката политичка сцена, имајќи предвид дека освен комунистите од KSČM, коишто според анкетите добиваат поддршка од 11 отсто, во парламентот би можеле да влезат уште две опозициски партии: партијата Слобода и директна демократија (SPD), на чешко-јапонскиот претприемач Томи Окамура, противник на ЕУ-интеграциите и поборник на излегувањето од Европската унија, како и Пиратската партија која ја води информатичарот со импресивни „дридлокси“ Иван Бартош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.