Турција, се чини, се смирува по повеќенеделните протести. Премиерот Реџеп Таип Ердоган доцна синоќа во разговори со демонстрантите посочил дека ќе се застане со плановите за реконструкција на паркот Гези.
„Позитивен резултат по разговорите е што премиерот изјави дека проектот нема да продолжи пред конечната одлука на судот“, истакнаа од еколошкото движење „Солидарност со Таксим“.
„Турција е правна држава. Невозможно е извршната власт да стори незаконско дело. Кога ќе постои судска одлука, Владата ќе ја почитува. До одлуката, паркот ќе остане недопрен“, соопшти владиниот портпарол Хусеин Челик.
„Позитивно ќе одговориме на овој позитивен став, но демонстрантите ќе одлучат дали ќе се стави крај на протестите“, посочија од „Платформата Таксим“.
Разговарано било и за прекумерната употреба на сила за што власта вели дека ако се утврди дека полицаец сторил кривично дело, ќе биде казнет.
Денеска, пак, во Скопје се одржа митинг на турски невладини организации во поддршка на турскиот премиер. Без големи зборови беа посочени полињата во кои турската држава напредуваше, а најмногу преку економијата, под раководство на Ердоган.
Меѓу неколкуте стотини граѓани на протестот за поддршка дојдоа и групи Албанци од Македонија. На протестот на кој дојдоа неколку стотини приврзаници на турскиот премиер, беа дојдени и приврзаници од Косово, па се вееја и знамиња од повеќе балкански држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.