Народната партија на Австрија (OVP) на Себастијан Курц победи на предвремените парламентарни избори во Австрија, покажуваат првите резултати од избирачките места.
Курц, со оглед на исходот од изборите, може да стане најмлад канцелар на Австрија, но со 31 година може да биде и најмлад премиер во светот.
OVP, според 42,4 отсто од пребројаните избирачки места освоила 30,2 отсто од гласовите, што во однос на минатите избори во 2013 година, е плус од 6,3 отсто.
Со тоа, OVP, по долги години, повторно стигна на првото место на политичката сцена во Австрија.
На второто место е Слободарската партија (FPO) на Хајнц – Кристијан Штрахе која освои 26,8 отсто од гласовите.
Дури на трето место е Социјалдемократската партија (SPO) на канцеларот Кристијан Керн со 26,3 отсто гласови.
Во парламентот влегуваат и Неос, со 5,3 отсто освоени гласови, а се очекува на пратеничките клупи да седнат и Зелените кои освоија 4,9 отсто. Во парламентот може да се најдат и Листата Пилц затоа што освоија 4,3 отсто од гласовите.
За сега се пребројани гласовите во руралните делови на Австрија, а се чекаат резултатите од големите градови, кои може да го променат редоследот, освен оние на врвот.
На овие избори за втората позиција ќе одлучат гласачките ливчиња пратени по пошта, а и кои партии освоиле цензус.
Имено, повеќе од 800.000 гласачки ливчиња се пуштени по пошта за овие избори, што е 14 отсто од гласачкото тело.
Тие гласови ќе се пребројат дури утре, а може да влијаат на крајниот резултат особено кој го поминал а кој не цензусот од 4 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.