Почнувајќи од утре, 15 октомври почнува регуларниот период од годинешнава грејна сезона кога испораката на топлинска енергија до потрошувачите се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Македонија – РКЕ, соопштува БЕГ.
-Доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците. При одредени атмосферски услови на доволно топло време кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува, се вели во соопштението од БЕГ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.