| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Современ градски пазар, нови градинки, спортско-рекреативни комплекси – многу проекти за Општина Струмица

Продолжуваме да ја следиме нашата патека, со ваша целосна поддршка, со истата љубов и посветеност како првиот ден. Искрено верувам дека изборите на 15 октомври ќе завршат со најдобрите резултати за нашата Македонија. Нашиот народ ќе дојде до соодветни услуги, услуги какви што заслужува, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг од Струмица.

-Новата ера за Струмица носи многу нови проекти од програмата. Планираме реконструкција на градскиот плоштад и на улицата „Благој Мучето“. Во новата програма планираме изградба на современ градски пазар на површина од 30.000 м2, со модерни продажни места и голем паркинг простор. Ќе продолжиме да вложуваме и во патната инфраструктура. Планираме изградба на булевар Климент Охридски на потегот од Жито Струмица до излезот на градот кон Валандово. Постоечката улица ќе прерасне во булевар. Ќе се изврши проширување со уште две ленти со околни тротоари, а должината на булеварот ќе изнесува 2,7 километри. Планираме изградба и на нов булевар на потегот од улицата Братство и единство, покрај автобуската станица и поврзување до обиколниот пат Струмица – Ново Село. Булеварот ќе биде со вкупно четири ленти, со што ќе се обезбеди брз проток на возила и луѓе. Ова ќе придонесе за намалување на сообраќајните гужви и побрз пристап до населените места Просениково, Сарај, Пиперево и др. Предвидуваме изградба на локалниот пат село Водоча – брана  Водоча во должина од 5 километри. Предвидуваме реконструкција на улицата Крушевска Република и уредување на каналот поставување на клупи, огради и канделабри, вели Груевски.

Тој истакна дека ќе бидат изградени канализациони мрежи во Дабиле, Добрејци, Просениково, Сачево, Банско, Вељуса и Водоча.

– Ќе продолжиме да инвестираме и во водоводните системи и ќе ја реконструираме водоводната мрежа во Банско, Рич и Габрово. Во Куклиш ќе го подобриме квалитетот на водата за пиење со користење современи технологии за нејзино прочистување.  Ќе се изработат детални урбанистички планови на месноста Софилар и Балабаница, со што ќе се излезе во пресрет на граѓаните на тој дел од градот. После изработката на деталните урбанистички планови се предвидува поставување водоводен и канализационен систем, асфалтирање и осветлување на улиците во овие населби. Планираме изградба на три нови детски градинки во Струмица, во Куклиш и Муртино. Планираме изградба на спортско-рекреативен комплекс на реката Тркања за сите генерации, со пешачка патека, велосипедска патека, скејт-парк, летниковци, урбана опрема и други придружни елементи. Ќе изградиме спортска сала во основното училиште Никола Вапцаров. Паралелно, планираме и изградба на современа велосипедска патека која покрај градското подрачје ќе го опфати и потегот помеѓу село Куклиш и Банско, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцираше дека планирана е и изградба на  тениски терени во Струмица, а општината ќе субвенционира комплетни енергетско ефикасни фасади за зградите постари од 40 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top