| четврток, 6 декември 2018 |

Генерален штрајк во Грција поради затворањето на ЕРТ

Грција денеска е повторно блокирана со 24-часовен генерален штрајк, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Овојпат, штрајкот е во знак на протест против одлуката на премиерот Самарас за затворање на јавниот сервис ЕРТ и во знак на солидарност со отпуштените 2.700 вработени. Ова е трет генерален штрајк во Грција оваа година. Со клуч на врата останаа државните институции, училиштата и болниците. Не функционира ниту јавниот превоз, а контролорите на летање ја прекинуваат својата работа во траење од два часа. Во приватниот сектор пак, работите се одвиваат без прекин.
Грчката влада најави дека од септември треба да почне со работа новиот јавен сервис кој што се предвидува да има тројно помали годишни трошоци од оние на досегашната државна телевизија. Од кабинетот на Самарас затварањето на ЕРТ го аргументираа со тврдењето дека јавниот сервис бил пример за нетранспарентност и прекумерно трошење и дека имало значителен број повеќе вработени од неопходното.
Ставовите на меѓународните инстанци околу ова прашање се различни. Европската Комисија воопшто не ги доведе во прашање надлежностите на грчката влада во однос на оваа мерка, која што е дел од пакетот мерки за штедење. Европската радиодифузна унија пак го повика премиерот Самарас да го укине решението за затварање на ЕРТ, бидејќи тоа не беше донесено по пат на широка и отворена дебата во Парламентот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top