Антивладините протести во Турција привлекуваат широка поддршка од европската заедница, додека водачите предупредуваат дека суровата тактика на полицијата во Истанбул може да биде нова пречка кон долготрајната цел на Турција за пристапување во ЕУ.
„Со оваа позадина, патот на Турција кон ЕУ останува неизвесен. Тоа не е поради тоа што ЕУ не ги исполни своите ветувања, како што турските власти често тврдат, туку поради тоа што Турција сѐ уште не одлучила дали сака или дали може целосно да пристапи во Европската унија“, рече Јоргос Кумуцакос, заменик-претседател на делегацијата ЕУ-Турција во Европскиот парламент.
Тој и другите официјални претставници велат дека Турција ќе мора да ги следи вредностите на ЕУ во насока на човековите права.
„Конкретно, истата треба да го почитува основниот принцип на почитување на човековите права, особено слободата на говорот, на собирање и на печат, вклучително и изразувањето преку социјалните медиуми и одговорноста на демократското, добро управување“, рече Кумуцакос. „Овие последни денови покажаа дека патот на Турција кон пристапувањето во ЕУ е долг и стрмен.“
Во говорот од средата (12-ти јуни), шефицата за политиката на ЕУ, Кетрин Ештон, ги повика официјалните претставници на ЕУ да ги интензивираат односите со Турција и да влијаат на нејзината влада да најде мирно решение за демонстрациите.
„Мораме максимално да ги искористиме инструментите со кои располагаме и, се разбира, Турција мора да работи со нас“, рече Ештон.
Ештон, која е исто така и висок претставник на Унијата за надворешни работи, ги повика турските водачи да го покажат нивото на државништво кое го покажаа на неодамнешната мировна иницијатива со ПКК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


