| четврток, 6 декември 2018 |

Црквата „Св. Константин и Елена“ остана во ДУП

protesti-crkva-centar02Успеавме заедно со народот да надвладее разумот, успеавме да го спречиме градоначалникот Жерновски и СДСМ да ги донесе неразумните одлуки за поништување на ДУП-от со коишто одлуки, меѓу другото, се пропишуваше црквата „Св. Константин и Елена“ да стане дивоградба и да може да се урне – тврди советничката од ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар, Даниела Рангелова.

Според неа, советниците од владејачката партија успеале да се изборат да победи уставноста и законитоста и да не дозволат противуставно и противзаконски да се донесат вакви одлуки кои не се базирани на правото и правниот поредок и немаат никаква правна основа.

– Успеавме да ја спасиме градинката, успеавме таа повторно да се вметне во буџетот и да почне да се гради за да може да се оствари интересот на народот, а децата да имаат градинка – додава таа.

Жали што не успеале да ја спасат изградбата на училиштето за кое се залагаат, а од кое, како што рече, се откажал градоначалникот Андреј Жерновски и предвидените пари за негова изградба ги тргнал од буџетот.

– Но, ние нема да застанеме и ќе продолжиме со нашите напори за изградба на училиштето и веруваме и сигурни сме дека ќе успееме да се изгради – рече таа.

Рангелова потенцираше дека се докажало дека со вистински намери, со поддршка на народот, со чесен и одговорен пристап може да се успее и изрази благодарност до сите граѓани коишто им дале поддршка.

– Нашиот успех е заеднички, успехот е за граѓаните и затоа тој успех е поголем – рече таа.

Одговарајќи на новинарско прашање, координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Томислав Лазаров рече дека иако во моментов точките за ставање вон сила на доснесените ДУП-ови се тргнати од Дневниот ред, сепак, легитимно право на претседателот на Советот е повторно да побара овие точки да бидат ставени на разгледување.

Инаку, со 12 гласа ЗА и 10 воздржани денеска беше усвоена 7- мата точка од Дневниот ред на 5 – тата седница на Советот на општина Центар која што се однесуваше на Репрограмирање на буџетот.

Советниците од ВМРО ДПМНЕ поднесоа амандман со кој што побараа дел од средствата за урбано планирање да бидат пренаменети за изградба на училиште.

Овој амандман со 10 гласа ЗА и 12 ПРОТИВ беше отфрлен по што следуваше материјална расправа за Предлог буџетот на општината.

Инаку точките 13 и 14 од Дневниот ред, кои што се однесуваат на ставање вон сила на ДУП-овите во моментов со договор помеѓу двете советнички групи привремено се симнати од Дневниот ред, а советниците од ВМРО ДПМНЕ во изјава за медиумите потенцираа дека ќе се залагаат за целосно отстранување на овие две точки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top