Поттикнат од говорот на министерот за култура Роберт Алаѓозовски на затварањето на годинешниов Интернационален фестивал на филмска камера “Браќа Манаки”, чувствувам потреба да се обратам во писмена форма до министерот, но и до јавноста, бидејќи карактерот на изнесеното е јавен, пишува Димитар Николов во своето обраќање до медиумите.
Го пренесуваме писмото во целост:
Почитуван г-не Министер Роберт Алаѓозовски,
Иако не сум поборник на отворени писма, Ви се обраќам на овој начин бидејќи мислам дека така мојата порака најбрзо ќе стигне до Вас. Ви се обраќам Вам затоа што сметам дека на затварањето на годинешниов Интернационален фестивал на филмска камера “Браќа Манаки”, направивте веројатно ненамерен превид. Имено, рековте дека фестивалот им го вративте на оние на кои им припаѓа, односно како што рековте “тоа го демонстриравме и неодамна, кога помогнавме да се исправи една неправда и тој да се врати во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, што го организира над три децении”.
Почитуван г-не Министер, без да сакам да полемизирам со Вас, Вие во своето обраќање, велите дека помогнавте организацијата на фестивалот да се врати на ДФРМ. А кој тоа претходно им ја одземал таа организација? Затоа во продолжение сакам да потсетам на неколку факти, кои веројатно не ги знаете, а се важни при проценката – дали фестивалот е навистина вратен во вистински раце ?
Точно е дека Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) е еден од организаторите на овој реномиран фестивал и дека основачите на горенаведеното друштво имаат значаен удел во неговиот 38-годишен развој, не занемарувајки ја притоа и улогата на сите други чинители, пред се Градот Битола и поединци и институции, кои надвор од друштвото сите овие години искрено допринесувале во развојот на фестивалот. Но основачите на ова Друштво веројатно се превртуваат во гроб кога гледаат како една група узурпатори го користат истото друштво само за остварување на лични цели и како перманентно го уништуваат не само фестивалот, туку и работата на филмските професионалци во РМ. Во продолжение ќе се обидам да набројам само неколку факти за подкрепа на моето тврдење:
- Во периодот од 2012 до 2016 ДФРМ работеше спротивно на законските прописи, затоа што не беше впишано во Централниот Регистер на РМ, според новиот закон за трговски друштва, затоа што Статутот на друштвото не беше усогласен согласно новиот Закон за трговски друштва и не беше впишан во Централен Регистер. Тоа го правеше финансирањето на овој фестивал од страна на државата во овој период нелегално.
- Директорот на ИФФК “Браќа Манаки” и самиот фестивал, претставуваат само еден виртуелен субјект кој нема правен субјективитет и нелегално се промовира како институција и како директор, а за тоа добива буџетски средства.
- ДФРМ никогаш не се обидел да покаже дека и формално фестивалот му е важен и никогаш нема регистрирано лого и трговска марка пред Државниот завод за интелектуална сопственост. Тоа го стори Општина Битола, (за да избегне ситуација Фестивалот да биде префрлен во друг град )како што всушност и е предвидено како опција во Правилникот на Друштвото за Фестивалот.
- Кога сме веќе кај правилниците на ДФРМ, да напоменам дека заради такви недоречени и неиздржани правилници, личните интереси на поединци и поделбата и злобата која владее помеѓу филмските професионалци, Македонија на двапати не испраќа свој филм да се натпреварува за „Оскар“. Во услови кога државата дава огромни средства за развој на филмот во РМ, срамно е една мала група во ДФРМ да решава за тоа дали квалитетот на тие филмови е за „Оскар“ или не е. А срамно е тоа и да им се дозволува.
- Како последица на таков правилник, кој беше донесен во март 2016 година, незаконски беше сменет во април 2016 и директорот на ИФФК “Браќа Манаки”. Таа незаконитост е потврдена со извршно судско решение во 2017 – та. Фестивалот во тој момент беше речиси категоризиран од ФИАПФ, меѓународната федерација на продуценти од цел свет, во чија надлежност е категоризацијата на фестивалите. Во претходната година 2015 Фестивалот имаше најголем буџет од спонзори и најмногу публика дотогаш.
- Фестивалот денес се финансира исклучиво со финансии од страна на државата и Општина Битола. Се разбира дека и Агенцијата и Градот треба да го прават тоа и понатаму, но во транспарентна постапка и имајќи во предвид дека Битола е единствен град од Македонија, кој е дел на мрежата на креативни градови на УНЕСКО и тоа во областа на филмот. Тоа ја прави обврската и фестивалот и на Битола и на државата да бидат внимателни во начинот на финасирање на фестивалот и во различните облици на промоција кои треба да ги прават за да се има поголем бенефит од членството на Битола во оваа мрежа. Бидејќи се работи за распределба на јавни средства, преку јавен конкурс, критериумите и целите заради кои се доделуваат средствата, како и сите финансиски извештаи за манифестацијата, треба да се многу јасни и транспарентни. Секоја година би требало да се размислува и на нови форми и активности, заради кои треба да се размислува и на постапка во која би учествувале и други субјекти и здруженија, кои имаат нови идеи, а кои сакаат да му помогнат на фестивалот.
- ДФРМ не е единствен и легитимен претставник на филмските професионалци во Република Македонија, како што бил пред десетолетија. Има веќе многу такви или слични здруженија чија цел е да допринесуваат филмот и филмаџиите да имаат подобри услови во кои ќе творат и ќе ги афирмираат своите права. Најзначајни такви здруженија се Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија (АФПМ), Македонското здружение на филмски продуценти (МЗФП), кое е меѓународно признаено од FIAPF (Светската федерација на филмски продуценти, а има и неколку билатерални меѓународни договори, меѓу кои и со Кина) и АФИДИ(Асоцијацијата на филмски дистрибутери, која е меѓународно признаена од FIAD, светската федерација на дистрибутери).
Почитуван г-не Министер,
Вие имате историска шанса да средите објективно некои состојби кои претставуваат рак рана на македонската кинематографија.
Се надевам дека ќе имате храброст, сила и знаење правилно да ги процените и оцените сите слабости и да овозможите реална и вистинска дебата, како што впрочем најавивте за после локалните избори. Таа секако може да допринесе да се променат некои состојби и да овозможат подем во оваа област. Во една крајно поделена атмосфера со лажни “величини”, кои се наметнуваат како единствени авторитети, дајте му шанса на филмот.
Со почит,
Димитар Николов
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.