
Крвава кампања полна со прекршувања на законот има Македонија за локалните избори на 15-ти октомври, кандидати за градоначалници доведени во животна опасност, искршени и демолирани штабови и партиски седишта, изборен поткуп на граѓани. Министерството за внатрешни работи, предводено од потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски досега нема расветлено ниту еден случај.
Последниот пример е вчерашното претепување на кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам. Тој заедно со уште едно лице кое било со него бил крвнички претепан со метални и дрвени прачки, објави НетПрес.

Околу 17.50 часот додека се движеле по улицата Гвадалахара, четири лица непознати, без никакви причина, физички го нападнале прво Аднан, а потоа и Бајрам. Откако со тупаници ги собориле на земја, почнале да ги удираат со клоци и со метални и дрвени прачки.
Од крвничкото тепање Елвис Бајрам паднал во безсознание. Насилниците побегнале, а екипа на Брзата помош констатирала тешки повреди кај Бајрам. Веднаш бил одвезен во скопската градска боница „Осми септември“, каде поради сериозноста на повредите бил хоспотализиран и според тамошните информации е во критична состојба.
Пратеникот Амди Бајрам тврди дека напаѓачите кои вчера попладне го истепале син му Елвис Бајрам, се поврзани со кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Курто Дудуш.
-Пред 4-5 дена местевме банери и тие почнаа со инцидент. Му се јавивме на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и му рековме да не правиме провокации, да одиме на фер и демократски избори и подобриот да победи. Тој ни рече дека нема да има привилегирани за оној кој ќе погреши, без разлика дали е од наша страна или од страната каде што е кандидат од СДСМ. Секој според законот ќе биде дали притворен или ќе бидат преземени мерки кон него. Градоначалникот е во кампања и идел од врата на врата. Одеднаш му излегле со секири, со шипки и го удриле. Ми кажаа дека шефот на кабинетот прво бил удрен а потоа и мојот син. Таа фамилија е позната, го држеа „Матекс“ пазарот во Шутка со рекет и со сила. Тие сега се во партијата на СДСМ и кандидатот Курто Дудуш е со нив. Барам министерот да го спроведе тоа што треба, ако нашата страна е крива нека притвори од кај нас. Знаат дека народот е со нас и затоа одат со сила – рече Бајрам.
И лицето кое беше со Елвис Бајрам за време на нападот вели дека во овој инцидент замешани се лица од СДСМ. Кандидатот за градоначалник на општина Шуто Оризари од Коалицијата „За подобра Македонија“, Елвис Бајрам бил нападнат за време на партиски активности во општината со кандидатите за советници, вели Аднан Мемет.
-На еден дел, таму каде што беше лоциран штабот на противкандидатот Курто Дудуш имаше лица кои беа веќе спремни. Беа спремни со секири, беа спремни со шипки и не нападнаа физички и со боксови. Ние им објаснувавме таму дека сме дојдени за нешто друго, дека посетата на улиците, односно со граѓаните на Шуто Оризари е по нивна иницијатива. Тие вербално не нападнаа, па откако физички не нападнаа, настана гужва и тоа беше целата работа, изјави Мемет.
Потенцира дека по него и кандидатот за градоначалник бил удиран со боксови, шипка и секира.
-Апелирам до институциите односно до Државната изборна комисија и до Министерството за внатрешни работи да преземат мерки, рече Мемет.
Нагласи дека вчера Елвис Бајрам бил во болница и му правеле испитувања.
ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди крвавиот инцидент и физичкиот напад врз кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари Елвис Бајрам. Нападнат е актуелен истовремено и кандидат за градоначалник. Нанесени му се тешки телесни поврди, со тупаници, боксирачи, метални шипки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова претставува уште едно грубо и брутално нарушување на изборниот процес. Имаме серија на груби прекршувања на изборниот закон и инциденти на кој полицијата и институциите на владата предводена од СДС молчат. Институциите покажуваат недостаток на капaцитет и способност да ги расветлат ваквите настани, додека органите под контрола на СДС се активно вклучени во нарушување на изборната атмосфера.Сите овие инциденти се израз на нервозата во редовите на СДС и свесноста дека тие ќе доживеат пораз. Кога не би биле нервозни и соочени со уште еден изборен пораз не би се случувале груби нарушувања на изборниот процес, стои во партиското соопштение.
Овој инцидент не единствен, за само осум дена од кампањата се случија десетина големи инциденти, во животна опасност беше доведен и носителот на советничка листа во Кичево, Алит Абази.
Покрај тоа искршени беа штабови на партиите, а најчесто на удар се опозициските партии. Искршени се штабови на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, Битола, демолиран штаб на Демократската партија на Србите која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а искршен беше и штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. На удар беше и опозициската партија во албанскиот блок, БЕСА, во текот на викендов демолиран беше нивниот штаб во Бутел.
Притисок голем се прави и врз кандидатите за градоначалници. Кандидатот за градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев без било каква причина бил застанат и малтретиран од страна на претставници на МВР, а досега никој за жал не е санкциониран поради тој настан. Во Прилеп, кандидатот за градоначалник од СДСМ, заедно со пратеничката на СДСМ од Прилеп и директорот на Центарот за социјални работи, организирано делеа зејтин и останати намирници меѓу граѓаните. Во Ресен директорката на Центарот за социјални работи им се заканувала на станарите во социјалните згради дека ако не гласаат на СДСМ, треба да си ги пакуваат куферите.
Грубо прекршување на изборниот законик имаме и во Крушево, каде беше обелоденет скандал со сеча на огревно дрво, кое подоцна беше делено на граѓаните пред штабот на СДСМ во градот, секако, барајќи гласови за возврат. Претседателот на Општинската Изборна Комисија во Кисела Вода, и Кратово наместо организирање на избори одат и агитираат во кампањата на СДСМ, што исто така претставува грубо кршење на законот.
Граѓаните чувствуваат разочараност и гнев од неодговорноста на полицијата и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тие велат дека тој полицијата ја претворил во партиска испостава на СДСМ, која одработува само за потребите на владеачката партија. Експертската јавност е едногласна дека со волку инциденти за време на предизборна кампања, а ниту еден разрешен случај, министерот би требало веднаш да си поднесе оставка.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека имаме флагрантно мешање на партијата и државата. Од таму велат дека министерката за труд и социјална политика се вклучи во изборите и ги лаже граѓаните дека ќе изгради градинка, а по којзнае којпат министерот за земјоделие Љупчо Николоски иако реално ги намали субвенциите на двеипол недели пред изборите ветува дека ќе се дале субвенции.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат и дека Куманово е преплавено со партиска полиција, која во последните четири месеци Оливер Спасовски ја стави во функција на СДСМ, а цело СВР Тетово е на партиски состаноци во Мала Речица за што има и фотографии од тоа.
-Се случува организирана политичка хајка против кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. На само ден по објавување на кандидатурите се почна со објавување на измислени кривични пријави за измислени дела. Па така се поднесоа пријави против градоначалниците на Крива Паланка само затоа што организирал превоз на ученици од социјално ранливи семејства, за надоместок помал од 3 илјади евра, за градоначалникот на Велес затоа што ставил точка на дневен ред пред повеќе од 5 години на советот на општина Велес, за градоначалникот на Прилеп затоа што не ја осигурал општиската зграда од нагрдувањето извршено од шарените платеници, додека тие сега слободно шетаат низ градот, извршен е упад во исто време во општината и фирмата на градоначалникот на Вевчани, измислени пријави добија и градоначалниците на Кавадарци, Ново Село и Штип затоа тоа што направил пристапен пат до фабрика која е странска инвестиција и која што вработува стотици штипјани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Инциденти во Солун, откажан говорот на министерот за образование на Грција
-
Инциденти во Солун по повод настанот на СИРИЗА за договорот со Македонија
-
Инцидент во Гевгелија: Од кавга во дискотека до целоноќно бркање со обезбедувањето
-
Неколку инциденти кај „Веро Џамбо“, повредени малолетници, приведени девет лица


