| четврток, 6 декември 2018 |

Економски открива уште еден сомнителен тендер во енергетскиот сектор

Во петокот беше потпишан договор помеѓу државната компанија МЕПСО и конзорциумот Сименс – Сискон, за ревитализација на опрема во трафостаницата „Дуброво“ во износ од 4,6 милиони евра. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, присуствуваше на потпишувањето на договорот и порача дека со денешниот договор Владата почна да ги спроведува своите, како што рече, агресивни политики во инвестирањето во енергетиката.

Како што јавува порталот Економски, овој договор е крајно сомнителен и со него во време на владеење на криминалната влада на СДС, во предизборен период, се прави пренамена и надополнување на средствата за веќе отворената понуда и истата се одобрува.

Под многу сомнителни услови, се отфрла најниската понуда од 2,8 милиони евра на Енергомонтажа АД-Белград, а се прифаќа втората најдобра понуда на Конзорциум Сименс-Сискон, која изнесува 4,6 милиони евра, и е за 64% повисока, односно 1,8 милиони евра поскапа во споредба со прво рангираната понуда.

Ако се земе во предвид дека техничката спецификација за ревитализација на трафостаницата „Дуброво“ е иста како онаа на трафостаницата Скопје 4, тогаш останува отворено прашањето: – зошто истата комисија која ја одобри ревитализацијата на трафостаницата Скопје 4, сега ја отфрла најдобрата понуда со образложение дека техничките спецификации на оваа трафостаница не се соодветни?

Дали Владата извршила притисок за прифаќање на оваа понуда и дали позади овој потег се крие нова лукративна промисленост за приватно богатење на политичкиот апарат близок до Зоран Заев и СДС, на сметка на граѓаните!?

Претходно, за реализација на овој проект, АД Мепсо имаше одвоено финансиски средства од сопствени извори во износ од 1 милион евра, плус 2 милиони евра грант, од Европската банка за обнова и развој, меѓутоа тој договор пропадна бидејќи претходниот управен одбор не го одобри овој проект, со образложение дека немале доволно средства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top