На првиот денешен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Виница, претседателот на партијата Никола Груевски, кажа дека е потребна силна и недвосмислена поддршка од граѓаните, за да за градоначалник на општината биде Мартин Павлов, а за советници оние од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
-Додека траеше ова помрачување ние исто така не седевме мирно, ниту пак чекавме некој нешто да ни подари или да направи нешто што ќе биде за доброто на луѓето, ние работевме на ова програма за секоја општина. Имаме и програма за Виница, каде ќе можете да се уверите и прочитате проекти кои што се реални.
Груевски кажа дека претходно бил поделен и „Отчет“ за сработеното од претходниот градоначалник, Емил Дончев, на кого Груевски повика граѓаните да му се заблагодарат и да му се честита за стореното досега.
-Тој направи се што беше во негова моќ. Во овој период се изгради атмосферска канализација во најкритичните делови на Виница, во должина од 1.200 метри, на улиците Браќа Миладиновци и Илинденска, проект вреден 15 милиони денари, со овој проект се реши проблемот со коритото на Градечка река, кое при поројни дождови ги поплавуваше овие две улици.
Груевски кажа дека е реконструирана водоводната мрежа во должина од околу 4.000 метри, во вредност од околу 9 милиони денари. Реконструирана е и водоводната мрежа во село Блатец, во должина од 4.300 метри и вкупна вредност од 11 милиони денари.
-Овде во општината се изгради и локалниот пат Осојница-Липец, во вкупна должина од околу 4,7 километри, со вкупна вредност од 27 милиони денари. Се реконструираа и повеќе локални патишта во виничко, меѓу кои патот Грљани-Мала Маринци, Свети Спас-Пеклани, Драговаште-Мала Маринци, локалниот пат за виничка Кршва и повеќе улици во виничка Кршва, патот Виница-Градец и повеќе други, изјави Груевски.
Груевски напомена дека се изградиле улици и атмосферски канализации во Виница во вредност од 700.000 евра, а набавени се и две возила за смет вредни 140.000 евра, кои опслужуваат 3.700 домаќинства, како што кажа Груевски.
-Се изградија нови тениски игралишта во ОУ Гоце Делчев во Виница, како и едно повеќенаменско игралиште во дворот на Гоце Делчев во Истибања. Се донираше и спортска опрема и реквизити за децата од социјално ранливите категории. Во Трсино е извршена реконструкција и преадаптација на градинката во старото училиште. Во Истибања реконструиран и адаптиран е дел од Културниот дом и отворена е градинка со капацитет за згрижување и одгледување на 40-тина дечиња, изјави Груевски.
Тој кажа дека реконструирани се повеќе основни и средни училишта во Виница, меѓу кои ОУ Славчо Стојменски, ОУ Гоце Делчев, подрачното ОУ Гоце Делчев во Градец, средното општинско училиште Ванчо Прке и останати со вкупна вредност од 19 милиони денари.
-Она што исто така многу радува е што се изгради индустриска зона во близина на Виница, која што речиси се наполни со нови капацитети. Исто така во овој регион се отворија и нови фабрики кои што ги донесе претходната Влада, фабрики кои што отворија многу работни места како за луѓето од Кочани, така и за многумина од Виница, ете тоа е Влада што работи и што помага на народот и така треба да се работи и во иднина. Така ќе се работи и со новата ера, со новиот документ, со новото враќање на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на власт и придвижување на Македонија напред во секоја смисла, а пред се во економска , изјави Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.