| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Жаба“ на Пјер Залица и Елмир Јукиќ има одличен прием кај македонската публика

Продуцентот Адемир Кеновиќ влегол во проектот бидејќи смета дека поствоениот стрес е тема која е многу значајна за овие простори, но ваквите теми во филмовите не треба да имаат цел да ги заплашат луѓето, туку баш напротив, да извлечат нешто позитивно од тоа.

Филмот „Жаба“, кој синоќа беше прикажан како дел од официјалната компетиција наиде на одличен прием и воодушевување кај македонската публика. Приказната за справувањето со поствоената траума на главниот лик, работена по сценарио на Пјер Залица и Елмир Јукиќ, доживеа огромен успех и во својата филмувана верзија, како и претходно – како театарска претстава. За филмот говореа продуцентот Адемир Кеновиќ,македонскиот кинематографер Дејан Димески, режисерот Емир Јукиќ и копродуцентот Томи Салковски.

На „Жаба“ работеше и македонски тим, како дел од сложената копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија.

Продуцентот Адемир Кеновиќ влегол во проектот бидејќи смета дека поствоениот стрес е тема која е многу значајна за овие простори, но ваквите теми во филмовите не треба да имаат цел да ги заплашат луѓето, туку баш напротив, да извлечат нешто позитивно од тоа:

-Уште кога ја погледнав театарската претстава  „Жаба“, си помислив дека ова треба да го видат многу повеќе луѓе, и бев пресреќен што околностите се склопија така да се направи и овој филм со кој луѓето можат да се идентификуваат и да го доживеат како една своевидна колективна терапија. Ние како филмски работници имаме одговорност да ги адресираме овие теми и да се трудиме преку она што го работиме да ги поместиме работите во општеството на подобро, Кеновиќ.

Продуцентот Томи Салковски пак, рече дека е презаситен од пост воени филмови, но откако стигнал до крајот на сценариото сфатил дека ова е всушност оптимистички филм за нов почеток.

-Ова е значајна тема, која ни докажува дека имаме сили во нас и можеме да почнеме одново. Среќен сум што сите екс-ју држави ја увидоа важноста на темата и се приклучија како копродуценти. Македонскиот дел од тимот учествуваше со своја екипа на сниматели и во делот на звукот – рече Салковски.

Режиерот Елмир Јукиќ истакна дека приказната воопшто не е ограничена на балканскиот простор, туку совршено добро би функционирала и во поширок контекст.

Кинематограферот Дејан Димески, околу неговиот дел од работата истакна дека било предизвик да се работи во затворена просторија со многу прозорци и огледала и со долги кадри, кои би ја доловиле енергијата и изведбата на актерите – кон кои било прилагодено снимањето.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top