| четврток, 6 декември 2018 |

Пол Рене Ростад за „Златна камера 300“: Да се оценат толку добри кинематографери е како да бираш помеѓу Ван Гог или Рембрант!

Четвртиот фестивалски ден на „Браќа Манаки“ поминува во знакот на големите кинематограферски имиња. Мастер класа со Кристијан Бергер во соработка со „Првите филмови на прво место“, филмска проекција за најмладите, како и голем избор на филмови за љубителите на европското кино и документарните филмови.

Уметничката директорка на фестивалот Гена Теодосиевска, денеска го претстави и годинешното жири кое ќе ги оценува кинематограферите на филмовите од главната компетиција за „Златна камера 300“. Претседател на жирито е Пол Рене Ростад од Норвешка, а останатите членови се Лука Коасин од Италија, Јани Петери Паси од Финска, македонскиот режисер Даријан Пејовски и  Ерол Зубчевиќ од Босна и Херцеговина.

Претседателот на жирито Пол Рене Ростад истакна дека не е лесна работа да се оценат толку добри кинематографери, тоа според него, е како да бираш помеѓу ремек дела на Ван Гог или Рембрант, но за тоа имаат три критериуми по кои ќе водат при изборот:

-Најпрво го оценуваме фрејмот, потоа употребата на светлото и се разбира креативноста на кинематограферот – рече Пол Рене, додавајќи дека е среќен и почестен што се наоѓа на фестивалот во Битола, кој според него е најшармантниот филмски фестивал кој го посетил.

За искуството да се биде дел од жири-комисија, сите членови се согласија дека не е лесна работа да се оценува делото на друг кинематографер, а во процесот и самите можат да научат многу.

-Кога го набљудуваш начинот на кој младите кинематографери го преведуваат јазикот на режисерот во емоција, неизоставно учиш и самиот – вели Лука Коасин.

Јани Петери Паси, минатогодишниот добитник на „Златна Кмаера 300“, истакна дека детектирајќи ги туѓите грешки, потоа самиот внимава да не ги повторува, а Даријан Пејовски рече дека е интересно искуство да се биде единствениот режисер во жирито составено од кинематографери.

Лука Коасин, пак беше пријатно изненаден кога Гена Теодосиевска на крајот на прес конференцијата му ја врачи  Малата Златна камера 300, која ја освои на минатогодишното издание на „Браќа Манаки“, но до сега статуетката не успеала да стигне во негови раце.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top