| четврток, 6 декември 2018 |

Никој не погледна во својот мобилен телефон додека траеше „Сон на летната ноќ“ на Иван Поповски во МНТ

Со втората изведба на „Сон на летната ноќ“ во Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва во 20 часот завршува фестивалот „Иван се враќа дома“ кој се одржуваше од 16 до 23 септември на сцената на националниот театар.

Синоќа во МНТ беше првата изведба на претставата и за три часа и 10 минути, колку што траеше делото, никој од публиката не погледна во својот мобилен телефон, освен на паузата. Режисерот Иван Поповски учтиво ја замоли публиката да не гледа во своите телефони и да не снима и фотографира додека трае претставата. Но „Сон на летната ноќ“ на Поповски го одзема здивот и навистина нема потреба да проверувате уште колку време ќе трае.

Московскиот театар „Мастерскаја П. Фоменко” со фестивалот „Иван се враќа дома“ првпат во Македонија се претстави со три спектакли од македонскиот режисерот Иван Поповски кој повеќе од 25 години живее и работи во Москва.

На фестивалот во Скопје македонската публика ги види претставите „Сон на летната ноќ” од Вилијам Шекспир (2015), „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Отровната туника“ од Николај Гумиљов (2002), сите во режија на Поповски.

Омилениот московски режисер и можеби еден од најдобрите театарски режисери во моментов во светот со многу трема и возбуда ги претстави своите дела пред домашната публика.

– Имам многу трема, можеби најголема досега. Добро, можеби за „Авантура“ имав најмногу. Имам трема бидејќи луѓето кои ми значат, но и оние со кои генетски сум поврзан ќе дојдат да ги видат моите претстави  и она што го работам во Русија. Но, тремата ми е поврзана и со  гостите од Москва. Тие ќе се сретнат со македонската публика – изјави Поповски летово кога беше најавен Фестивалот.

Претставите што беа прикажани на фестивалот се претстави од голем формат, со високобуџетни продукции, во кои учествува елитна театарска екипа, кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски награди и признанија и имаа исклучителен прием кај публиката. За нив постојано се бара билет повеќе, иако некои се на репертоарот и по многу години.

„Најнагадуваната претстава „Сонот на летната ноќ“ е претстава за сите, кои страдаат од забоболка и од светска тага, за сите кои им здодеало учтиво да се досадуваат во театарските седишта, нетрпеливо провервајќи ги своите мобилни телефони: уште колку остана? Претстава за сите, кои заборавиле дека театарскиот оган се раѓа од живи материјали, а од обемната пластика на сцена создаваш само електирчен камин…“ пишува во една од рецензиите за „Сон на летанта ноќ“.

Во претставата „Сон на летната ноќ”, работена според истoименото дело на Шекспир, сè е игра – театарска, љубовна, понекогаш по малку и наивна, понекогаш таква што наликува на најсложена шаховска партија. Понекогаш е лута, дури и опасна – таква што е подобро да се набљудува оддалеку. Понекогаш, пак, на детски начин едноставна – таква во која се вклучуваш сакајќи или не сакајќи. Но, секогаш е жива и неверојатно занесна. Во хаосот на играта, во ноќната опиеност, се отвораат границите на светот – огромен, необјаснив. Каде што дворецот на херцогот, па дури и самата Атина, е само малечка точка, не поголема од светулка во тревата. Каде што „постелата од мов“ мами со својата свежина, како ладникави чаршафи. Каде што возрасни мажи се губат во привлечноста на самовилите, а вљубените се губат едни со други, се вплеткуваат во живо клопче, дишејќи со љубомора, младост, страв и – љубов. Со неа, како со музика, како со волшебен сок, овде е проткаен и самиот воздух…  „Сон на летната ноќ” е добитник на повеќе награди меѓу кои и престижната „Златна маска“ за најдобра претстава минатата година во Русија, која критиката едногласно ја прогласи за извонреден театарски настан. Оваа претстава е добитник на наградата „Ѕвезда на театарот“ (2016) во номинациите за најдобра претстава од голем формат, најдобра споредна женска улога (Ирина Горбачова)  и е прогласена за најдобра претстава според порталот „Куда-го“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top