Издавачката куќа „Или-или“ го најави излегувањето на романот КОСКЕНИ ЧАСОВНИЦИ (670 стр.) на популарниот британски писател Дејвид Мичел, како заокружување на неговата неформална трилогија составена од АТЛАС НА ОБЛАЦИТЕ и ИЛЈАДАГОДИШНАТА ЕСЕН НА ЈАКОБ ДЕ ЗУТ.
Сите се во превод од англиски на Ацо Пероски.
-По тој повод, в петок и в сабота ќе имаме промотивна продажба на делата на Мичел во нашата книжарница, каде неговите книги ќе можат да се купат со значителен попуст. Сите три романи поединечно ќе се продаваат по промотивна цена од 400 денари, а доколку некој сака да ги купи сите три книги, тогаш следува дополнителен попуст и книгите ќе чинат вкупно 1000 денари. Инаку, оригиналната цена на книгите поединечно е по 590 денари, велат оттаму.
Дејвид Мичел е еден од највпечатливите „нови гласови“ во современата британска книжевност. Роден е во 1969 година во Англија, а живеел во Италија, Јапонија и Ирска. Автор е на неколку романи и добитник на голем број меѓународни литературни признанија. Книжевната критика особено ги издвојува „Атлас на облаците“ (ИЛИ-ИЛИ, 2014, 532 стр.) и „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“ (ИЛИ-ИЛИ, 2015, 588 стр.) како исклучителни книжевни дела кои се одликуваат со стилска, тематска и естетска впечатливост. „Коскени часовници“ оригинално беше објавен кон крајот на 2014 година и засега е негово последно прозно дело.
КОСКЕНИ ЧАСОВНИЦИ
…духовит, трогателен и застрашувачки, вистински триумф на фантазијата…
Со „Коскени часовници“ Дејвид Мичел ја заокружува неформалната трилогија која ја сочинуваат неговите претходни два романи. Следејќи го истиот модел на шест преплетени приказни, Мичел и во овој роман гради своевиден книжевен калеидоскоп, во кој централната фигура која ги обединува засебните приказни е главниот лик – Холи Сајкс. Така, книгата следи шест децении од животот на Холи, почнувајќи од 1984, па сè до „далечната“ иднина во 2045 година. Ова му овозможува на авторот не само да врати дел од познатите ликови од неговите претходни романи, туку и да направи мешавина од неколку книжевни жанрови – од тинејџерски семеен роман, преку психолошки трилер, до фантастика и еколошка дистопија. Со тоа Мичел го заокружува целото свое творештво во еден универзум низ кој се појавуваат познати ликови и теми, но секогаш низ свежа и провокативна перспектива. „Коскени часовници“ е роман кој патува низ времето, низ културите и низ жанровите – иновативна нарација и креирање на нов свет во книжевноста.
АТЛАС НА ОБЛАЦИТЕ
Атлас на човековата душа преоблечен во роман
Атлас на облаците е замислен и компониран како музичко дело – секстет во кој се преплетуваат шест гласови, шест приказни кои меѓусебно се надоврзуваат и дополнуваат на уникатен начин. Дејвид Мичел генијално си поигрува со книжевните жанрови, со техниките на раскажување, со просторот и времето, со политиката и естетиката – и тоа со една единствена цел: да ја отслика вечната борба помеѓу надежта и нихилизмот, помеѓу уништувањето и креирањето. Понекогаш филозофски луциден, понекогаш комичен и длабоко искрен, а понекогаш и мрачно апокалиптичен, Атлас на облаците ги протегнува своите приказни низ период подолг од еден милениум за да наслика незаборавен портрет на човековата природа, со сите нејзини возвишени подеми и срамни падови и со сите теми кои го окупираат човештвото од неговото постоење, па сè до неговиот претпоставен крај. Во секој поглед, Атлас на облаците е уникатно и незаборавно книжевно доживување и денес, десет години по неговото прво објавување во 2004 година, важи за едно од највпечатливите дела во светската книжевност на 21 век. Атлас на облаците веќе цела деценија е еден од најуспешните бестселери во светот, а во 2013 година беше адаптиран и во игран филм од страна на браќата/сестрите Вачовски.
ИЛЈАДАГОДИШНАТА ЕСЕН НА ЈАКОБ ДЕ ЗУТ
На овој свет постои само едно ремек-дело… а тоа е самиот свет
Јапонија, 1799 година. Најмистериозното и најзатвореното царство на Далечниот исток е поврзано со остатокот од светот само преку едно мало пристаниште, вештачкиот остров Деџима, кое служи за трговија со тогашната најмоќна колонијална сила – Холандија. Користејќи го овој историски контекст и преземајќи за основа вистински настани и личности, Дејвид Мичел во овој прекрасен роман стрпливо и вешто ја гради ја незаборавната приказна за младиот холандски писар Јакоб де Зут, кој доаѓа во Јапонија за да стекне големо богатство, но наместо тоа ќе го изгуби срцето.
Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут е најзрелиот и најуспешниот роман на Дејвид Мичел, со кој авторот само ја потврди својата светска слава стекната со брилијантното дело Атлас на облаците. Во него се преплетуваат љубовна приказна, елементи на авантуристички роман, политички трилер и ориентална мистика, обединети во прекрасно напишана проза која го остава читателот без здив. Мичел вешто ги допира темите кои се типични за целиот негов опус – страста и моќта, честа и предавството, корумпираното општество, власта над другите луѓе и идејата за бесмртноста – а внимателните читатели ќе откријат и неколку ликови и детали кои можеме да ги пронајдеме и во Атлас на облаците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.