Во организација на Центарот за култура и културолошки студии, а со поддршка на женскиот хор „Менада“ од Тетово, во Духовно-културениот центар „Кирил Пејчиновиќ“, во Лешочкиот манастир, во село Лешок, на
22-23 септември оваа година по трет пат ќе се одржи манифестацијата „Креативни точки“ на која главен акцент ќе биде ставен на литературата и музиката.
Манифестацијата ќе вклучува литературно – музички jam session кој ќе се одвива два дена (22 сеп. во 12 часот и 23 септември во 14 часот) и кој е замислен како можност слободно и креативно да се експериментира со границите на уметностите. За разлика од вообичаениот jam session, учесниците, преку импровизација, ќе се обидат, користејќи ги сите литературни и музички жанри, да создадат хибридни дела. Ќе се стимулира учеството на публиката.
Централен настан на манифестацијата е вечерта „Креативни точки“ (на 22 септември, 19 часот) кој има за цел динамизирање на начинот на презентација на музиката и литературата. Притоа, во музичкиот дел ќе
биде застапена класичната, експерименталната музика и рок ен ролот, додека во литературниот дел покрај поезија ќе се чита и проза, драмски извадоци, а ќе има и слем настапи, како и кратки драматизации. На
„Креативни точки“ ќе настапат Петар Андоновски; Митко Апостолов; Митко Гогов; Катерина Гогова; Ана Голејшка; Живко Грозданоски; Дарјан Данески; Душко Дембоски; Ѓоко Здравески; Јован Илиески; Елена
Карапејовска; Владимир Лукаш; Калина Малеска; Драгана Марковиќ; Марта Маркоска; Ивона Нацевска; Фросина Пармаковска; Елена Пренџова; Перица Сарџоски; Билјана Стојановска; Небoјша Стојаноски; Снежана Стојчевска; Колос Цури и други.
Вечерта, традиционално ќе ја отвори Младински женски хор „Менада“ од Тетово, под диригенство на маестро Ивица Зориќ со современа обработка на класични дела, а ќе ја затвори со класична обработка на R’N’R песни.
На 23 септември, пак, освен продолжување на литературно – музичкиот jam session (14 часот) ќе се одржи и трибината „Интермедијалноста како алтернативна можност за презентирање на уметничките идеи на
младите автори“ (10 часот), чиј модератор ќе биде проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева. Целта на трибината е да се дискутира за начините за алтернативно презентирање на уметноста, методите на
комуникација со публиката (релацијата автор – публика), како и потребата од надминување на застарените, нединамични форми на комуникација, каде публиката е безгласен конзумент на литературата/музиката/уметноста.
Манифестацијата „Креативни точки“ првите две години се реализираше без финансиска поддршка од државните институции, но оваа година е поддржана од Министерството за култура во рамки на проектот „Нов културен бран“. Манифестацијата има за цел промовирање на млади креативци, автори и творци од областа на музиката, литературата, фотографијата, сликарството и други уметности, со цел да станат
видливи нивните естетики и светогледи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.