| четврток, 6 декември 2018 |

„Или-Или“ ја објави „Отпорот е залуден“ од Валтер Сити

Деновиве од печат излезе македонскиот превод на романот „Отпорот е залуден“ од италијанскиот писател Валтер Сити, а во издание на „Или-или“. Од италијански на македонски јазик романот го преведе Калина Јанева.

Во своето наративно истражување на коренитите промени на совремието, Валтер Сити во „Отпорот е залуден“ го навестува задгробниот живот на демократијата: пекол што бара луцидно да се погледне и доживее пред (можеби и радикално) да се отфрли, стои во соопштението на издавачот.

Извадок од романот:

Мајмуните капусин се оние со голи лица, крзно во фратарска боја и бела качулка; Кит Чен, професор по економија на „Јејл“, има издресирано седум (четири женки и тројца мажјаци) да се служат со пари. Прво во кафезите им подели метални тркалезни плочки со дупки насреде: мајмуните ги душкаа, ги загризуваа, па ги фрлаа. Но, постепено почнаа да забележуваат дека сè додека ги имаа плочките в раце, истражувачите им даваа овошје, додека овошјето исчезнуваше штом ќе ги фрлеа. Така научија да ги држат в раце сè додека не го добијат овошјето, односно да го заменат за плочките (кои од тој миг за нив, во суштина, се претворија во пари). Потоа Чен се обиде да им даде различни цени на бананите и јаболката: три плочки за една банана, само една за јаболко – па следствено се смени и однесувањето на мајмуните: некој, штом ќе добиеше плочка, веднаш ја разменуваше за јаболко, а некој што многу сакаше банани претпочиташе да почека и да собере три. Две различни категории потрошувачи. По повеќе еднакво поучни експерименти (како предизвикување ненадејно покачување на цените, па необјасниво снижување), Чен сакаше да види како ќе реагираат мајмуните на неочекувано богатство и во кафезот, наеднаш, внесе многу монети: сите капусини поитаа да грабнат колку што е можно повеќе монети за да насоберат повеќе овошје. Сите, освен еден, еден млад мажјак – кој, пак, откако насобра убав куп, ѝ се доближи на една женка и ја повлече настрана, па ѝ ги положи пред нозе. Женката веднаш се спари со дарителот, па го собра купчето и таа се упати да купи овошје. Прв експериментален случај кај животните на секс во замена за пари.
( извадок од романот)

Валтер Сити е италијански писател, книжевен критичар и есеист, роден во Модена во 1947 година. Има објавено неколку збирки раскази, а за романот „Отпорот е залуден“ (2012) ги добива престижните награди „Стрега“ и „Мондело“. Неговиот најнов роман „Сè да се запали“ (2017) предизвика силни реакции во италијанската јавност бидејќи зборува за отец-педофил опседнат со сексот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top