„Ако во текот на претставата ги симнете слушалките, значи сте почнале да разбирате руски. А, ако нешто не им е јасно на вашите родители кои дошле со вас да ја погледат претставата, слободно објаснете им“, им порача Иван Поповски, еден од најдобрите театарски режисери на денешницата, автор на претставата „Алиса зад огледалото“ на московскиот театар „Мастерскаја П.Н. Фоменко“ кој до сабота гостува во Македонскиот народен театар (МНТ) со ревија на претстави.
Поповски, кој е еден од основачите на театарот, 25 години живее и работи во Русија. Во 2010 година за оваа претстава Поповски ја доби наградата „Златен витез“ во категоријата „Театар за деца“ на осмиот сесловенски театарски форум.
Поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва, пишува во една од рецензиите за „Алиса зад огледалото“.
И навистина е така, бидејќи публиката не трепна во текот на целата претстава, која трае три часа со една пауза. Иако во публиката имаше многу деца, дел од нив и помали од седум години, не се слушна ниту глас. Сите маѓепсано гледаа на сцената каде што по небото летаа стадо слонови, во виртуалната шума летаат и танцуваат волшебни сенки, сцената се претвора во езеро на кое расцутуваат огромни кринови… Вистински Холивуд на театарската сцена ни донесе Поповски.
Од Москва за Скопје пристигнаа вкупно четири камиони со сценографија, костими и реквизити за трите високобуџетни претстави на Поповски, а само во два камиони, од вкупно четирите, беа сместени 403 парчиња (чевли, шапки, наметки, кошули, панталони) од костимографијата за „Алиса зад огледалото“ како и светла, видеоопрема, машини за чад, и специфични апарати за мали изненадувања.
Во претставите учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.
„Алиса зад огледалото“ за седум години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници, „Отровната туника“ за 15 години е одиграна 202 пати и продадени се околу 20.000 влезници, „Сон на летната ноќ“ за само 2 години е одиграна 89 пати и продадени се околу 35.000 влезници, а цените на билетите за оваа претстава достигнаа и 15.000 рубљи (над 13.300 денари).
Секоја од трите претстави, и покрај тоа што станува збор за класични дела и театарски пристап, се одликува со иновативност доведена до ниво на волшепство и во визуелна и драмска смисла, креација на нови светови во кои речиси е избришана границата помеѓу илузијата и реалноста и кои гледачот го оставаат без зборови целосно впиен во вителот на естетското доживување.
Синхроната аудиоизведба на македонски јазик ја направија актерите Дарја Ризова, Александар Степанулески, Нина Максимова и Марко Богдановски. Преводот од руски на македонски јазик е на Емил Ниами, а редакцијата и адаптацијата е на Павле Инговски и Зоја Бузалковска. Освен синхронизиран, има и титлуван превод.
Фестивалот „Иван се враќа дома“ продолжува во вторник, со претставата „Отровната туника“ која е закажана во 20 часот. Реприза на „Отровната туника“ има во среда, 20 септември, а во петок и сабота со изведбите на „Сон на летната ноќ“ (МНТ, 20 часот) завршува фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.