| четврток, 6 декември 2018 |

„Иван се враќа дома“ од утре во МНТ: Македонија може да се гордее со Иван Поповски кој ја прославува низ светот

Иван Поповски, македонскиот театарски режисер кој повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва, заедно со директорот на „Мастерскаја П. Фоменко” Андреј Варабјов и директорот на МНТ Драган Спасов Дац, денеска на прес-конференција го најавија почетокот на фестивалот „Иван се враќа дома“.

Фестивалот на претстави од режисерот Иван Поповски – „Иван се враќа дома”, што на сцената на МНТ од 16 до 23 септември ќе го прикаже „Мастерскаја П. Фоменко”, еден од најреномираните московски театри, е прва можност и македонската публика да ги види театарските спектакли во режија на Поповски, кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски признанија и имаа исклучителен прием кај публиката – „Сон на летната ноќ” од Вилијам Шекспир (2015), „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002).

Во претставите учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.

Режисерот Поповски денеска на прес-конференција рече дека во процесот на работа не ја избегнува реалноста, политиката и надворешниот свет.

– Напротив, благодарение токму на тој хаос театарот може да биде место каде што може да пропаднеме во друг свет, истакна Поповски.

На прашањето зошто се интересира за поезија и поетски театар одговори – затоа што театарот треба да разговара на друг јазик, тоа да не биде јазикот на улицата, притоа посочувајќи на принципот на неговиот учител Фоменко чии драми работени по делата на Толстој, Чехов, Островски се партитура на звук и интонации, музика на прозата.За подготвувањето на претставите Поповски вели дека проектите сака да ги создаде заедно со актерите и секогаш е отворен за нивните предлози.

Директорот на театарот „Мастерскаја П. Фоменко”, Андреј Варабјов, на прес-конференцијата истакна дека им е драго што долго очекуваното доаѓање во Скопје се остварува.

– Го сакаме Иван и за нас беше принципиелно и важно да направиме своевиден извештај за неговато творештво пред публиката во неговата татковина. Тој е најдобар ученик на реномираниот Фоменко. Прекрасно го изучил неговиот занает, но не го копира туку се обидува да најде свој личен израз, рече Варабјов.

Додаде дека направиле се да ги донесат спектаклите на Поповски кои се успешни не само во Русија, туку и во светот, а тоа да не биде на трошок на Македонија знаејќи, рече, дека земјата нема сјајна економија. Директорот на рускиот театар посочи дека ова им е 25-та сезона, а во изминатите 24 години успеале да направат огромен репертоар со 45 претстави што, како што рече, е голем број за мал театар како нивниот. Покрај тоа, нивниот ансамбл го обиколува светот, па по гостувањето во Скопје ги очекуваат и настапи во Тбилиси, Рига, Талин, Женева…

– Многу вложуваме и во нови претстави. Имаме сопствена лабораторија за педагошка и творечка работа. Живееме со налудничава љубов кон нашата професија и многу се цениме меѓу себе. Денес сме среќни што успеавме да донесеме грандиозни претстави на нашиот колега Иван Поповски пред публиката во неговата земја. Македонија може да се гордее со Иван Поповски кој ја прославува низ светот, истакна Варабјов.

На сцената на МНТ ќе гостуваат високобуџетни претстави, кои освоија бројни и многу значајни номинации, признанија и награди. „Сон на летната ноќ“, на пример, доби повеќе награди меѓу кои и престижната „Златна маска“ за најдобра претстава минатата година во Русија, која критиката едногласно ја прогласи за извонреден театарски настан.

„Алиса зад огледалото“, пак, е претстава со најголем буџет досега во театарот „Мастерскаја П. Фоменко” – над половина милион долари.

– Не ги жалиме парите за добар спектакл, рече Варабјов, а Поповски додаде не е важен износот на парите ако има сигурност дека проектот и гледаноста нив ќе ги врати. „Алиса зад огледалото“ за седум години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници, „Отровната туника“ за 15 години е одиграна 202 пати и продадени се околу 20.000 влезници, „Сон на летната ноќ“ за само две години е одиграна 89 пати и продадени се околу 35.000 влезници, а цените на билетите за оваа претстава достигнале и до15.000 рубљи (над 13.300 денари).

Во контекст на тоа, Поповски рече дека важно е претставата да продолжи да живее и по премиерата, заклучувајќи дека во македонските театри судбината на една претстава често завршува со премиерата.

Станува збор за гостувања на високобуџетни претстави, од кои две од голем формат и една од мал, кои освоија бројни и многу значајни номинации, признанија и награди, претстави што предизвикуваат несмален интерес кај публиката и за кои билетите се распродаваат со месеци однапред, и покрај тоа што некои од нив на репертоарот се и по многу години.  Така, „Алиса зад огледалото“ за 7 години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници, „Отровната туника“ за 15 години е одиграна 202 пати и продадени се околу 20.000 влезници, „Сон на летната ноќ“ за само 2 години е одиграна 89 пати и продадени се околу 35.000  влезници, а цените на билетите за оваа претстава достигнаа и 15.000 рубљи (над 13.300 денари).

Секоја од трите претстави, и покрај тоа што станува збор за класични дела и театарски пристап, се одликува со иновативност доведена до ниво на волшепство и во визуелна и драмска смисла, креација на нови светови во кои речиси е избришана границата помеѓу илузијата и реалноста и кои гледачот го оставаат без зборови целосно впиен во вителот на естетското доживување.

Во претставата „Сон на летната ноќ”, работена според истoименото дело на Шекспир, сè е игра – театарска, љубовна, понекогаш по малку и наивна, понекогаш таква што наликува на најсложена шаховска партија. Понекогаш е лута, дури и опасна – таква што е подобро да се набљудува оддалеку. Понекогаш, пак, на детски начин едноставна – таква во која се вклучуваш сакајќи или не сакајќи. Но, секогаш е жива и неверојатно занесна. Во хаосот на играта, во ноќната опиеност, се отвораат границите на светот – огромен, необјаснив. Каде што дворецот на херцогот, па дури и самата Атина, е само малечка точка, не поголема од светулка во тревата. Каде што „постелата од мов“ мами со својата свежина, како ладникави чаршафи. Каде што возрасни мажи се губат во привлечноста на самовилите, а вљубените се губат едни со други, се вплеткуваат во живо клопче, дишејќи со љубомора, младост, страв и – љубов. Со неа, како со музика, како со волшебен сок, овде е проткаен и самиот воздух…  „Сон на летната ноќ” е добитник на повеќе награди меѓу кои и престижната „Златна маска“ за најдобра претстава минатата година во Русија, која критиката едногласно ја прогласи за извонреден театарски настан.

„Отровната туника”, дело од Николај Гумиљов, кое многу ретко се поставува на сцена поради неговата поетска комплексност, нѐ носи на патување во ладниот мермерен спокој на константинополскиот дворец на императорот Јустинијан, каде што ѕидовите слушаат, а луѓето негуваат молчење; каде што внимателните зборови паѓаат како капки вода, ѕвонливо разлетувајќи се под камените сводови, а тишината задушува, буквално со густ темјан. Во таквиот свет се појавува синот на степата, воинот и поет Имр. Неговите страсни говори ја маѓепсуваат принцезата Зоја.  Зачудната егзотика на Гумиљовата пиеса, законитоста и убавината на формата, класицистичката скапоценост на актерските гести и сребреновековната незадржливост на чувствата, се сплеле во претстава за љубовта и љубомората, прекрасни и гибелни, буквално брачна отровна туника.

„Алиса зад огледалото”, работена според два романи од Луис Керол напишани за Алиса, е претстава за деца над седум години и за возрасни што наликува на спектакл каков што македонската публика досега немала прилика да гледа. Гостувањето на оваа претстава претставува посебен ексклузивитет – „Алиса зад огледалото“ токму во Скопје по првпат ќе биде прикажана надвор од „Мастерскаја П. Фоменко“. Нејзината техничка, сценографска, костимографска комлексност и големина се причината што оваа претстава, и покрај многубројните покани за гостувања, до сега можеше да се види само во Москва. Но, благодарение на големата желба и настојување на Иван Поповски и неговиот однос кон детскиот театар, и, и покрај тоа што нејзиното носење претставува огромен предизвик, како во буџетска, така и во техничка смисла, „Мастерскаја П. Фоменко“ одлучи по првпат да ја донесе претставата надвор од матичниот театар токму во Македонија.

Иако станува збор за помалку познатата и помалку екранизирана приказна за огледалото – претставата се одликува истовремено со висока театарска артистичност, но и со цврста структура и правила. „Алиса зад огледалото”  е вистинска енциклопедија на апсурдот. Во неа е можно речиси сè, затоа што на секое “зошто” може да се одговори со – бидејќи тоа е земјата на чудата, каде што сè е можно или да се каже дека тоа е само сон. Претставата изобилува со најразлични чуда и трансформации – бидејќи тоа е пред сѐ еден вид бајка. Имагинативната и надреална сценографија надополнета со многу светлосни и визуелни ефекти, илузионистички трансформации и многу музика ги остава децата, но и родителите, три часа во состојба на екстатичен транс и уметничко-театарска хипноза.

Претставите на „Мастерскаја Фоменко“ се многу популарни како во Русија, така и во странство. Од првите денови на неговото формирање во 1993 година, неговите претстави постојано учествуваат на руски и меѓународни театарски фестивали, постојано одат на турнеи низ Русија и во светот. За 25 години постоење, театарот гостувал практично на сите континенти – многубројни гостувања во градовите низ Русија, во земјите на Европа, двете Америки, во Јапонија итн, а незаборавен дел во редот на тие гостувања е и она во 1997 година во Скопје, со претставата „Авантура“ во режија на Иван Поповски. „Авантура“ на Поповски ја имаше својата премиера во 1991 година, доби признание за најдобра претстава на годината во Москва, и беше еден од најзначајните настани што доведоа до тоа студиската класа на професорот Пјотр Фоменко да прерасне во театарот „Мастерскаја П. Фоменко”. (Мастерскаја на македонски се преведува со „класа“, така што името на театарот во превод би било „Класа на П.Н. Фоменко“). Започнувајќи со оваа претстава, трупата доби и меѓународно признание, а во тоа време „Москва тајмс“ напиша:  „Мастерскаја на Фоменко стана еден од најомилените театри во Москва. Можеби сето ова не се случи благодарение на Поповски, но сè започна со неговата мала убава авантура“.

 

ПРОГРАМА

  • „Алиса зад огледалото” (возраст 7+) 16 и 17 септември, 18:00 ч.
  • „Отровната туника” (возраст 16+) 19 и 20 септември, 20:00 ч.
  • „Сон на летната ноќ” (возраст 12+) 22 и 23 септември, 20:00 ч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top