| четврток, 6 декември 2018 |

Две новороденчиња со тешки респираторни заболувања починаа на Детската клиника

Четиримесечно новороденче од Гевгелија со респираторен инфект и тежок малформативен синдром со засегнувања на повеќе органи – срце, белите дробови…, почина денеска на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести.

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ, која рече дека и новороденче од Гостивар донесено на Клиниката во тешка здравствена состојба и кое веднаш било ставено на респиратор починало денеска.

– Ова е терциерна установа. Сите најтешки случаи доаѓаат тука. Ние докторите и покрај тоа што имаме можности од опрема и знаење не секогаш можеме се да излечиме. Се случува тешки деца и да починат. Тоа се тешки деца кои престојуваат во интензивна нега на машини. Голем дел од нив преживуваат со овие можности и со несебичната заложба на докторите и на сестрите, но не секогаш тоа е возможно – посочи Ставриќ.

Таа рече дека новороденчето од Гевгелија од самото раѓање е донесено на Клиника со проблеми, престојувало на интензивна и тогаш стартно, било на респиратор. Со подобрување на состојбата, посочи таа, е пренесено на Одделот за интензивна нега.

– Основниот проблем е што преградите во носот биле затворени и било отежнато дишењето. Тоа е решено, меѓутоа по стабилизирање на состојбата детето е пуштено дома. Има уште еден краткотраен престој повторно поради некоја цијаногена криза која ја направило. Кратко престојувало на Клиниката во јуни и на 28 август била третата негова хоспитализација. Донесено е со еден респираторен инфект, значи при самата постапка при прием е дојдено до влошување на состојбата поради што веднаш е префрлено на Одделот за интензивна нега и терапија каде е поставено на респиратор, истакна Ставриќ.

Посочи дека помалку од два дена новороденчето имало престој во тешка состојба, за цело време на респиратор, но, како што појасни, и покрај сите заложби и терапевски процедури кои се преземени, сепак завршило со лош исход.

– Станува збор за синдром кој и во литературата има висока смртност. Обично овие деца не ни преживуваат шест месеци, а многу ретко година дена. Така што станува збор за директна последица на инфектот која доведе до ваков исход. Тоа е белодробен инфект, бронхиолит, како бронхит, третирано е во матичната установа. Матичниот доктор неколку дена го лекувал со антибиотици, со инхалации и поради неподобрување е донесено со возило на Итна медицинска помош на нашата Клиника, рече Ставриќ.

Потенцира дека од самото раѓање детето е познато на Одделот и е дијагностицирано, вклучени биле тим генетичари, ендокринолози кои поставиле сомнение за овој синдром.

Поради тоа што ризикот оваа малформација да се појави и кај идните деца на мајката, на која починатото и било првороденче, Ставриќ рече дека и стојат на располагање за консултации.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top