| четврток, 6 декември 2018 |

Дуке Бојаџиев прави музика за новиот филм на оскаровецот Дем

Македонскиот композитор Дуке Бојаџиев, кој веќе 12 години живее и работи во Њујорк, почна соработка со познатиот американски режисер Џонатан Дем, чиишто филмови се „Филаделфија“, „Манџуриски кандидат“, „Вистината за Чарли“ и други. Дем во 1992 година беше награден со „Оскар“ за најдобар филм и режија на незаборавниот трилер „Кога јагнињата ќе стивнат“.

Во моментов, Дем ја работи постпродукцијата на својата најнова драма „Страв од паѓање“, инспирирана од театарскиот текст на Хенрик Ибзен за архитектот заробен во сопствените фантазии. Улогите ги толкуваат Валас Шон, Џули Хегерти, Лиза Џојс и Лери Пајн. Листата автори на музиката за ова филмско остварување ја предводи македонскиот композитор.

„Пред две години накратко соработувавме со Дем на еден пилот-телевизиски проект, што се покажа како одлична прилика за Џонатан да се запознае со мојата музика. Така, бев поканет да бидам дел од музичкиот тим за неговиот најнов филм. Освен што напишав дел од музиката, поголемиот материјал од комплетната музика исто беше снимен во моето студио бидејќи на Дем и продукциски му се допадна тоа што го работам, па инсистираше и другите теми да се снимаат кај мене. Навистина имав прекрасно искуство со еден врвен режисер, отворен и прекрасен човек, полн со креативен набој“, вели Бојаџиев.

Инаку, Бојаџиев ја работеше музиката и во филмот „Војната заврши“ на Митко Панов, а во моментов тој го завршува музичкото обликување на уште еден македонски целовечерен филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top