Денеска во Њујорк почнува новото издание на УС Опен (US Open) кое ќе биде „најсиромашно“ за разлика од последниве неколку години. Причина за тоа е отсуството на дел од најуспешните тенисери во поблиското минато Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ кои се откажаа поради повреди, а ќе го нема ниту бранителот на титулата Стен Вавринка. Затоа, тука се двете тениски легенди Рафаел Надал и Роже Федерер кои ќе имаат нова меѓусебна битка.
Од минатата недела Надал е на чело на АТП листата, но далеку од тоа дека е сигурен на тоа место. Разликата меѓу него и Федерер изнесува 500 бода кои Швајцарецот може да ги надополни во Њујорк. На последниот Гренд слем во сезоната тој не брани ништо од лани затоа што и не учествуваше, па со евентуална титула сигурно ќе биде прв на 11 септември.
До челната позиција може да стигне и на друг начин, но тоа веќе зависи од пласманот на Надал. Шпанецот брани 180 бода и ако испадне во полуфиналето, а Федерер стигне до финале, тогаш повторно ќе има промена на челната позиција. Интересно е тоа што според шемата, нивниот дуел е можен токму во полуфиналето, па ако дојде до него, односно нема изненадувања, тоа ќе биде директна пресметка за првото место на АТП листата.
Иако ветерани, токму Надал и Федерер ги освоија сите три досегашни Гренд слема оваа сезона. Еднаш играа и во финалето и тоа во Мелбурн каде поуспешен беше Федерер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.