По шест ноќи исполнети со 66 филмски проекции на кратки и долгометражни документарни филмови во главната, студентската, детската и програмата на нови автори на две платна, но и со три работилници, пет разговори под смоквата и во преполното гнездо на „МакеДокс“, со инспирирачки ентузијазам на екипата на фестивалот и вредните волонтери, осмото издание на „МакеДокс“ стигна до последната вечер, кога на 25 август, во 20 часот, ќе бидат доделени наградите.
Осумте документарци во Главната програма на „МакеДокс“, со проекции во Куршумли-ан, се натпреваруваат за наградата „Кромид“ за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.
За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки.
За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.
Годинава, првпат на „МакеДокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм, насловена „Сечкан кромид“, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.
Сите филмови што се прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.
Скулптурите што ќе бидат доделени како награди на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.
Последната вечер на 8. „МакеДокс“, покрај наградите, ќе донесе и проекција на краткиот документарен филм „Жалфија“ на Шон Стилер од САД и долгометражниот документарец „Чавела“ на Катерина Гунд и Дареша Кјуи од САД. Точка на фестивалот ќе стави концертот на секогаш проникливата, слатко – горка „Баклава“.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.
Фотографиите се на фото-секцијата на „МакеДокс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“