Во Албански театар – Скопје, со почеток во 20 часот, првпат со превод на македонски ќе се одигра претставата „Прст“ од Дорунтина Баша, во режија на Агон Мифтари.
По премеирата на 26 фебруари, претставата е на редовниот репертоар на установата, а денеска ќе има и превод на македонски јазик.
„Прст“ е драма напишана од Дорунтина Баша, која на региноналниот конкурс на Фондацијата „Хартефект“ во конкуренција од 120 современи драми е избрана за најдобар современ општествено ангажиран текст во 2011 година и за првпат е поставена во театарот Битеф во Белград.
„Прст“ е приказна за војната од перспектива на жена на исчезнато лице. Драмата го истражува тешкиот живот на две жени, Зоја (Амернис Јовановска Нокшиќи) и Шкурта (Зарије Јонузи), кои продолжуваат да живеат заедно во исчекување без оглед на тоа дека синот на Зоја, односно сопругот на Шкурта, исчезнал во текот на војната пред десет години. Зоја очекува нејзиниот син да се врати жив, додека Шкурта очекува неговото тело да се врати во црна кеса. На едно друго ниво „Прст“ го истражува и општествениот феномен на рипатријархатот на општеството по војната, третирајќи ги жените кои живеат во традиционални средини и кои продолжуваат да бидат контролирани од патријархални кодови и откако ги нема нивните сопрузи.
– Не секогаш се сеќаваме на нештата кои сакаме да ги паметиме и не секогаш успеваме да ги избришеме засекогаш од сеќавањето, нештата кои сакаме да ги заборавиме.
Војната несомнено во разни форми оставила траги кај секој од нас и, колку и да може времето да ги излечи раните, секогаш ќе останат белези на нашите тела и на нашите души. Го велам ова затоа што оваа драма зборува за физичките рани, како што е сечењето на прстот – мотивот на драмата, но и на ниво на невидливи душевни рани и крвопролевање за кои треба и подолго време да се излечат целосно – истакнува режисерот Агон Мифтари.
Сценографија на претставата е дело на Крсте Џидров, костимите на Марија Пупучевска, а оргиналната музика ја потпишува „Фолтин“. Улогите ги толкуваат Амернис Јовановска Нокшиќи, Зарије Јонузи и Дрита Каба Карага.
„Прст“ на 13 јуни ќе се одигра во Прилеп во склоп на МТФ „Војдан Чернодрински“, а на 7 јуни во Сули-ан во склоп на фестивалот „Скопско лето“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.