Првпат во историјата на Свети Николе се донесени 14 детални урбанистички планови и е изработен Генерален урбанистички план која опфаќа 713 хектари, а по 30 години е изградена и станбена зграда, рече денеска градоначалникот Зоран Тасев во отчетот за сработеното.
Изминатите четири години, нагласи, се инвестираше во сите сфери. Со средства од општинскиот буџет е решен и еден од најгорливите проблеми на градот – водоснабдувањето и реконструкцијата на застарената водоводна мрежа.
– Онаму каде што требаше, ја заменивме старата и дотраена азбестна водоводна мрежа, а некаде и металната. Вкупно заменивме 6.433 метри од кои 4.270 стара и дотраена азбестна водоводна мрежа. Поставивме 23 километри нова канализациска мрежа од која 3.000 метри се само во градот, рече Тасев.
Според него, благодарение на општинската администрација која изработи нови проектни документации, реализирани се и нови локални патишта кои овозможија поврзување меѓу селата во светиниколскиот регион.
– Се изградија многу нови коридори, асфалтно се поврзаа селата Мечкуевци и Вуково, а со тоа асфалтно директно се поврзаа Општина Свети Николе и Општина Пробиштип. Изграден е и асфалтен пат меѓу селата Ерџелија и Мустафино, асфалтен пат до локалитетот „Била зора“, асфалтен пат од 3,5 километри до село Немањици, асфалтен пат од клучката Куманово до село Орел. Исто така направивме и асфалтно поврзување со вештачката акумулација „Мавровица“ , напомена Тасев.
Тој потенцира дека се изградени вкупно 13 детски игралишта во градот Свети Николе, но и во селата.
– Во сите големи села направивме по едно детско игралиште со комплет детски содржини и имаме плус четири детски игралишта во градот. Направивме и реконструкција на Грдаскиот стадион и успеавме да го реанимираме и да го обновиме Фудбалскиот клуб „Овче поле“, информира Тасев.
Во изминатите четири години, напомена, по три децении се реновирани и спортските сали и училиштата во Свети Николе.
Градоначалникот смета дека со изградбата на автопатот Штип -Миладиновци и експресниот пат Штип – Велес, Свети Николе ќе биде најдобро поврзана општина со Скопје, но и со останатите општини од источна, централна и југоисточна Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.