Македонското Министерство за надворешни работи се уште нема официјална информација од Белград зошто се повлечени дипломатите и вработените од Амбасадата на Србија во Скопје, информира МИА.
Од македонското МНР за МИА велат дека воспоставуваат комуникација со МНР на Србија за утврдување на причините за оваа постапка.
Се очекува во текот на денот официјално објаснување да даде шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ. Срспката амбасадорка Душанка Дивјаќ – Томиќ во изјава за српските медиуми потврдила дека целиот персонал од Амбасадата е повлечен во Белград, но рекла дека не може да коментира која е причината.
Од МНР информираат дека согласно релевантните одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на Амбасадата на Република Србија во Скопје.
Сите дипломати и вработени од Амбасадата на Република Србија во Република Македонија се повлечени на итни консултации во Белград. Македонското МНР било известено од српската Амбасада оти персоналот ќе се повлече на консултации во Белград, но причината за тоа не била кажана.
Од македонското Министерство за внатрешни работи, пак, информираат дека по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, превземени се мерки на зголемена безбедност на нивните објекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.